Muhammet Nazım Taşcı
22 Април 2024•Ажурирај: 23 Април 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Јужна Кореја потпиша рамковен договор за давање кредити со ниски камати на Украина, која е во војна со Русија, во рамките на проектот на Фондот за економски развој и соработка (ЕДЦФ), пренесува Анадолу.
Министерот за економија и финансии Чои Санг-мок, кој престојуваше во Соединетите Американски Држави во рамките на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г-20, и неговиот украински колега Серхи Марченко во Вашингтон потпишаа договор за програми за кредити со ниски камати, соопшти Министерството за економија и финансии на Јужна Кореја, објави агенцијата „Јонхап“.
Во соопштението е истакнато дека со потпишаниот договор ќе се создаде правна основа за кредитна поддршка, како и дека двете земји се договориле за реализација на проекти што ќе помогнат за обнова и развој на Украина.
Со овој договор е отворен пат за кредит од 2,1 милијарди долари со ниски камати од Јужна Кореја за Украина.
Јужна Кореја вети 2,3 милијарди долари помош за Украина во септември 2023 година. Најавувајќи дека 200 милиони долари поддршка ќе бидат пратени како хуманитарна помош за потребите на Украина, администрацијата во Сеул соопшти дека преостанатите 2,1 милијарди долари ќе бидат обезбедени во форма на ниски каматни и долгорочни кредити во рамките на проектот на Фондот за економски развој и соработка (ЕДЦФ), кој почнува во 2025 година.