Handan Kazancı
18 Септември 2017•Ажурирај: 18 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, на маргините на заседавањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк се состана со својот руски колега, Сергеј Лавров, со цел да разговараат за војната во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Ноерт, соопшти дека Тилерсон и Лавров ги повториле ставовите за посветеноста кон процесот на запирање на насилствата, намалување на инцидентите за време на воените операции и создавање амбиент за напредок во мировниот процес во Женева.
Војната во Сирија започна во март 2011 година, откако режимот на претседателот Башар ал-Асад со сила се обиде да ги задуши демократските протести во земјата. Според податоците на ОН, досега во Сирија загинале повеќе од 250.000 луѓе, а над десет милиони Сиријци се раселени.
Кризата во Сирија ќе биде една од главните теми на редовното заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк оваа недела, но, и една од главните теми на средбите на светските лидери на маргините на овој собир. Американскиот претседател Доналд Трамп и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, веќе потврдија дека ќе се сретнат во четврток.