Dilara Hamit
24 Ноември 2026•Ажурирано: 24 Ноември 2026
Турската телевизиска серија „Лејла“ ја освои наградата за најдобра теленовела на 54. доделување на Меѓународните награди „Еми“, што се одржа во Њујорк, со што го зголеми бројот на успеси на Турција на оваа престижна меѓународна телевизиска манифестација, јавува Анадолу.
Во продукција на „Ај Јапим“, „Лејла“ се натпреваруваше со уште еден турски номиниран наслов – „Узак Шехир“ (Далечен град), бразилската серија „Гарота до моменту“ (Таа е вистинската) и втората сезона на шпанската серија „Вале салвахе“ (Дива долина).
Турција имаше две од вкупно четири номинирани во оваа категорија. Серијата „Узак Шехир“ е во продукција на „АјНА Јапим“.
Позната во Турција под насловот „Лејла: Живот… Љубов… Правда…“, наградената серија во главните улоги ги има Џемре Бајсел, Алперен Дјумаз и Гонџа Вуслатери. Продуценти се Керем Чатај, а режисерка е Хилал Сарал.
Серијата е адаптација на бразилската продукција „Авенида Бразил“ и ја следи приказната за една млада жена која нејзината маќеа ја остава на депонија. Години подоцна, таа се враќа со намера да се одмазди, соочувајќи се притоа со прашањата за љубовта и правдата.
Оваа награда е продолжение на претходните успеси на турските серии во истата категорија, меѓу кои „Кара Севда“ во 2017 година и „Јарги“ (Семејни тајни) во 2023 година.
Водител на церемонијата беше актерот Мајкл Јури. Беа доделени вкупно 16 награди во натпреварувачките категории, по номинациите за 64 телевизиски продукции и изведби од 22 земји.
Велика Британија предводеше со освоени девет награди, додека признанија добија и претставниците од Аргентина, Белгија, Франција, Германија, Јужноафриканската Република и Турција.
Француската серија „Карем“ ја освои наградата за најдобра драмска серија, додека втората сезона на аргентинската серија „Дивизија Палермо“ ја освои наградата за најдобра комедија.
Британецот Боби Шофилд ја освои наградата за најдобар актер за „Непростливо“, а Белгијката Мона Мина Леон ја доби наградата за најдобра актерка за „Холи Ш!т“.
Други победници беа „Луис Теру: Доселеници“ за најдобар документарец, „Експонирање: Отстапување од редовите: Внатре во војната на Израел“ за актуелните случувања и „24 часа во зоната на убивање“ на „Скај њуз“ во категоријата за вести.
Бела Бајарија ја доби наградата за основачи, додека Герхард Цајлер беше награден со Наградата на директоратот.