Ercan Doğan
29 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот фудбалски клуб Бешикташ стана шампион за сезоната 2016/2017 година на турската фудбалска Супер лига, откако во 33. коло постигна победа со резултат 4:0, како гостин против клубот Газиантепспор, јавува Anadolu Agency (AA).
Црно-белиот клуб, кој го започна 33. коло со четири бодови пред клубот што се наоѓа на второто место, Медипол Башакшехир, добро ја искористи оваа предност против Газиантепспор, и победувајќи го својот противник, ја освои шампионската титула една недела пред завршувањето на сезоната.
Бешикташ првото полувреме на натпреварот го заврши со резултат 2:0, со погодоците на Рајан Бабел во шестата минута, и на Огузхан Озјакуп во 39. минута. Второто полувреме го продолжи со контрола на играта, зголемувајќи го резултатот на 4:0, со двата гола на Андерсон Талиска во 66. и 76. минута.
На овој начин, една недела пред завршувањето на неделата на последните натпревари во лигата, Бешикташ ги зголеми своите бодови на 74, додека Медипол Башакшехир остана со 70 бода.
Ова е 15. трофеј во историјата на Бешикташ, а тренерот на овој клуб, Шенол Ѓунеш, го запиша своето име во историјата на клубот како прв домашен тренер кој вторпат по ред обезбедува трофеј за Бешикташ.
Фудбалскиот клуб Бешикташ во 1991 и во 1992 година ја доживеа истата радост кога го освои трофејот две години по ред, а со успехот постигнат оваа година стави крај на паузата од 24 сезони и ја освои титулата двапати по ред.
Освојувајќи го првото место во турската фудбалска Супер лига, Бешикташ повторно го обезбеди своето учество на Лигата на шампионите на УЕФА, со што по седми пат ќе го заземе своето место во најголемиот шампионат на европскиот фудбал.