Dejan Maksimoviç
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ТОРИНО (AA) - Фудбалерите на Јувентус очигледно сѐ уште не го преболеле поразот од Барселона во финалето од Лигата на шампионите пред две години. Иако Барса е еден од најјаките тимови во четвртфиналето на Лигата на шампионите оваа сезона, повеќето играчи на старата дама за ривал го сакаат токму каталонскиот клуб, јавува Anadolu Agency (AA).
Леонардо Бонучи е еден од оние што многу сакаат да се сретнат со Барселона, а по секоја цена би сакал Јувентус да го избегне Баерн од Минхен во жрепката на парови за четвртфиналето.
„Влеговме меѓу осумте најдобри клубови во Европа и сега е време да тргнеме максимално, колку можеме. Можеби многумина го сакаат Лестер, најголемото изненадување на досегашниот тек на натпреварувањето, но јас повеќе би сакал да се сретнеме со Барселона. Натпреварите против екипата што нѐ порази во битката за трофеј пред две години би биле голем мотив за нас“, рече Бонучи за официјалниот веб-сајт на Јувентус.
„Би сакал да го избегнеме Баерн. Каде и да дојде Карло Анчелоти, тој пронаоѓа начин да победува во фудбалските натпревари, токму како и Џозеф Гвардиола. Повеќе би сакал да се сретнеме со Баерн во еден натпревар, како што е финалето, каде што е можно сѐ“, додаде Бонучи.
Во четвртфиналето од Лигата на шампионите се пласираа: Барселона, Реал Мадрид, Монако, Лестер Сити, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд и Баерн Минхен. Жрепката на паровите за четвртфиналето ќе се одржи в петок, во Нион, со почеток од 12 часот.