Bojan Bednar
17 Септември 2023•Ажурирај: 18 Септември 2023
БЕЛГРАД (АА) – Синоќа во Белград започна Светското првенство во борење, на кое учествуваат 1.150 натпреварувачи од 99 држави, јавува Анадолу.
Белград вторпат по ред е домаќин на Светското првенство, што ќе биде прва од шесте можности за натпреварувачите да обезбедат виза за Олимписките игри во Париз следното лето.
На првенството ќе бидат поделени вкупно 90 олимписки квоти, а пласман на Олимписките игри ќе имаат по пет првопласирани натпреварувачи во олимписките категории.
Натпреварите ќе се одвиваат во два олимписки стила на борење, грчко-римски и слободен стил, како и во женско борење.
Организаторите истакнаа дека очекуваат добри борби во сите категории бидејќи првенството има огромна важност со оглед на тоа што е дел од квалификациите за Олимписките игри.
Белград е домаќин на Светското првенство по втор пат во последните две години бидејќи го замени рускиот град Краснојарск, каде што не беше можно да се организира првенството поради меѓународните санкции против Русија.
Светското првенство во борење трае до 24 септември.