Admir Fazlagic
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на претставниците на Владата на Република Македонија, високите функционери на Армијата на Република Македонија, како и бројните љубители на боречките вештини денеска во Скопје во спортскиот центар Борис Трајковски започна 31. Светско воено првенство во борење, на кое учествуваат над 400 спортисти, од 32 земји и 4 континенти, јавува Anadolu Agency (AA).
Нелсон де Хесус Лопес, официјален претставник на Меѓународниот воен спортски совет - CISM, во својот говор на отворањето на првенството рече дека му претставува чест и привилегија да се обрати во име на претедателот на Меѓународниот советот на воени спортови.
„Очигледно дека е вложен голем труд во пдготовките за натпреварот како и за културно-уметничките настани. Убеден сум дека ќе имаме одлична недела", порача Лопес во своето обраќање до присутните гости и учесниците на Светското воено првенство во борење. Тој додаде дека последните неколку години се многу значајни за Меѓународниот воен спортски совет, искажувајќи верба дека во натпреварите на првенството ќе биде забележан висок квалитет.
Министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски, обраќајќи се на отворањето на Светското воено првенство во борење во својство на организатор на ова натпреварување рече дека армијата и граѓаните на Република Македонија се особено горди што се домаќини на првенството, укажувајќи дека првенството е извонредна можност за стекнување на пријателства меѓу армиите кои учествуваат во овие спортски натпреварувања.
„Војниците се први на браникот на одбраната на својата татковина, први во мировните мисии да го зачуваат мирот во деловите во светот каде е потребно. Сигурен сум дека ова светско првенство ќе овозможи да станете пријатели и по спортот. Вашите трајни и силни пријателства се од голема важност за подобар и помирен свет", истакна министерот Јолевски.
Од името на владата и граѓаните отворањето на Светското воено првенство го поздрави премиерот на Македонија Емил Димитриев, кој 31. Светско воено првенство во борење го прогласи за отворено.
„Одржувањето и подобрувањето на индивидуалната физичката подготвеност на армиските припадници претставува исклучително важен сегмент во функционирањето на секоја армија преку кое се обезбедува потребното ниво на физичка подготвеност и издржливост на армиските припадници, но и значително се влијае на развојот на врвни спортисти од редот на армијата од различни спортови и дисциплини", рече премиерот Димитриев. Тој додаде и дека ова е првенство кое значи афирмација на спортот но и првенство преку кое дополнително се подобрува соработката помеѓу армииите, се унапредува пријателството и се поттикнува спортскиот дух кај припадниците на армиите.

Во однос на учесниците во натпреварувањето вреди да се напомене дека 19 спортисти-натпреварувачи биле дел и од Олимписките игри во Рио, годинава, а неколкумина се и носители на златни медали од олимписките игри и светските првенства.
Како што беше соопштено претходно, во најавите за натпреварувањата, иако станува збор за воено првенство, важат сите правила и прописи на Светската боречка федерација. На првенството ќе бидат застапени два стила: слободен и грчко-римски.
Министерството за одбрана на Република Македонија, кое е организатор на првенството, ги повикува сите љубители на спортот да го посетат Светското воено првенство во борење, кое се одржува во периодот од 21 до 25 септември, во спортскиот центар, ВИП Арената „Борис Трајковски“. Влезот за следењето на натпреварите е слободен.