Hüseyin Burak Demirer
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
АНКАРА
Фудбалскиот клуб Интер со резултат 5:0 го совлада Шахтјор Доњецк и се пласираше во финалето на УЕФА Лига Европа каде ќе се состане со Севилја, известува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа се одигра полуфинале од второто по важност фудбалско клубско натпреварување во Европа, УЕФА Лига Европа во кое се сретнаа италијанскиот претставник Интер и украинскиот претставник Шахтјор Доњецк.
Во досегашната клубска историја, Интер на трипати го освојуваше купот, додека на Шахтјот тоа му успеа еднаш во 2009 година.
Полуфиналниот натпревар меѓу овие две екипи се одигра во германскиот град Дизелдорф.
Во 19. минута од натпреварот Лаутаро Мартинез успеа топката што Барела му ја нафрли од десната страна да ја претвори во погодок и го доведе Интер во водство од 1:0. Тоа беше и резултат со кој заврши првото полувреме.
Во 64. минута од натпреварот Д'Амбросио успеа со глава да постигне погодок по изведувањето на корнерот, зголемувајќи го водството на Интер на 2:0.
Лаутаро Мартинез во 74. минута со својот втор погодок го доведе Интер во водство од 3:0.
Лукаку на двапати ја затресе мрежата на Пјатов во 78. и 84. минута од средбата, поставувајќи ги конечните 5:0 за Интер. Оваа убедлива победа, на Интер му донесе пласман во финалето на Лига Европа каде ќе се состане со шпанскоот претставник Севилја.
Интер во својата клубска историја 5 пати играл во финалето, но првпат од 1998 година навака.
Финалето на УЕФА Лига Европа ќе се игра на 21 август (петок) со почеток во 21:00 часот.
- Лукаку направи серија од 10 натпревари
Лукаку, 27-годишниот белгиски интернационалец кој настапува во редовите на Интер успеа да постигне погодок на 10 последователни натпревари во УЕФА Лига Европа, со што стана првиот фудбалер на кого тоа му успеало.