Dejan Maksimovic
19 Февруари 2020•Ажурирај: 20 Февруари 2020
МАДРИД (АА) - За првпат по 14 одиграни меча во сите натпреварувања, Ливерпул синоќа во Мадрид доживеа пораз од Атлетико. Домаќините славеа со резултат 1:0 во првата средба во осминафиналето од Лигата на шампионите, но менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, тоа не го загрижи премногу. Напротив, тој е уверен дека пеколната атмосфера на „Енфилд“ ќе им помогне во намерата да се пласираат во четвртфиналето и со тоа да го продолжат патот кон одбрана на титулата шампиони на Европа, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Атлетико одигра одличен натпревар во свој стил. Поведе со голот на Саул во четвртата минута и ја задржа предноста до крајот, а притоа на Ливерпул не му дозволи да упати ниту еден удар во голот.
„Немам проблеми со резултатот. Интензитетот на играта беше токму онаков како што требаше да биде. Го држевме противникот под притисок во задната третина на теренот, но не бевме ефикасни и немавме доволно чисти шанси. Имавме некои шанси, но тоа не е доволно. Меѓутоа, и тоа е нормално“, рече Клоп, додавајќи:
„Губевме на полувремето 0:1, но не се откажавме, па зошто би се откажале сега. Што е уште подобро, второто полувреме ќе го играме на наш стадион. Тоа ќе биде поинаку и Атлетико ќе го почувствува тоа. Тоа е она на што се радуваме. Видов многу среќни лица во Атлетико, сепак станува збор за голема победа, но сè уште не е готово.“
Реваншот на натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампиони помеѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид ќе се игра на 11 март на стадионот „Енфилд“.