Muhammed Enes Çallı
31 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
КЕЛН (АА) - Турскиот кошаркарски клуб Анадолу Ефес ја освои титулата шампиони во Евролигата на „Туркиш ерлајнс“ за 2021 година, откако во финалето ја совлада Барселона со резултат 86:81, јавува Агенција Анадолија (AA).
Шпанскиот тим подобро го започна натпреварот, а резултатот беше 15:22 во корист на Барселона на крајот на првата четвртина во Арената „Ланксес“ во Келн, Германија.
Во втората четвртина Анадолу Ефес пружи подобра игра и се опорави од 10-те поени заостанување, завршувајќи го првото полувреме со водство од 39:36. Турската екипа ја презеде контролата во третата четвртина која заврши со резултат 65:58.
Барселона покажа борбеност и во четвртата четвртина ја надмина разликата од седум бодови, но нивните напори не беа доволни да ја победат истанбулската екипа, која својата прва титула во Евролигата ја оствари со победа од 86:81.
Најкорисниот играч (МВП) во Евролигата, Василије Мичиќ, го предводеше Анадолу Ефес до оваа историска победа со 25 поени, а Шејн Ларкин постигна 21 поен, постигнувајќи 12 од 12 слободни фрлања.
Кори Хигинс беше најдобар стрелец на Барселона со 23 поени, Кајл Кјурик заврши со 18 кошеви, Брендон Дејвис имаше 17 кошеви.
Со тоа Анадолу Ефес стана вториот турски тим што го освои овој трофеј откако Фенербахче во 2017 година беше крунисан како шампион во Евролигата.