Alma Cekovic
06 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку, кој веќе подолго време го поврзуваат со трансфер во Челзи или во Јувентус, изјави дека веќе знае каде ќе игра наредната сезона, пренесува Anadolu Agency (AA).
Напаѓачот на Евертон и вториот најдобар стрелец во минатата сезона во Премиер лигата, со 25 гола, во март одби да потпише нов договор со клубот од Ливерпул.
Белгиецот претходно не зборуваше за наводното преминување во некој друг клуб, но по синоќешниот пријателски натпревар меѓу Белгија и Чешката Република, откри дека донел одлука.
„Мојот агент знае што се случува. Јас знам што сакам и што и да се случи, вие ќе дознаете“, изјави Лукаку за „Sky Sports“ (Скај спортс).
Инаку на Лукаку му остана уште две години од договорот кој го потпиша во август 2014 година, кога пристигна од Челзи за 30 милиони евра.
Напаѓачот, еден од клучните играчи на Евертон, наводно сака да премине во клуб што ќе игра во Лигата на шампионите.
Лукаку во досегашната кариера има играно за Андерлехт, Челзи, Вест Бромвич Албион и за Евертон.