Ömer Aydın
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ПАРИЗ (АА) - Управата на фудбалскиот клуб „Монако“ најави дека ќе им ги врати парите од билетите за синоќешниот натпревар во Париз, каде што новиот стар шампион на Франција, Парис Сен Жермен (ПСЖ), ги декласираше „кнезовите“ со висок резултат од 7:1, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На навивачите на „црвено-белите“ кои синоќа беа на трибините во „Паркот на принцовите“ ќе им бидат вратени парите од влезниците“, се наведува во соопштението на клубот.
Заменик-претседателот на Монако, Вадим Васиљев, за француските медиуми изјави дека по завршувањето на синоќешниот натпревар на нозе останаа само навивачите и им се заблагодари за нивната искрена поддршка на клубот.
Во 33. коло од француската Лига 1 синоќа ПСЖ со резултат од 7:1 го совлада Монако и пет кола пред крајот на сезоната ја обезбеди новата титула шампион на Франција.
Монако е втор на табелата со 70 бодови, и има заостанување зад ПСЖ од 17 бодови и предност од четири бода во однос на третопласираната екипа на Лион.