Dejan Maksimoviç
27 Април 2018•Ажурирај: 28 Април 2018
МАНЧЕСТЕР (АА) - Жозе Мурињо, менаџерот на Манчестер јунајтед, за британските медиуми изјави дека во времето кога седел на клупата на Челзи не донел одлука да го продаде Мухамед Салах, кој денес игра во дресот на Ливерпул и многумина во моментот го сметаат за подобар фудбалер од Лионел Меси и Кристијано Роналдо, пренесува Anadolu Agency (AA).
Салах во 2016 година го напушти „Стемфорд бриџ“ и премина во Рома, која минатото лето го продаде на Ливерпул. Сјајниот Египќанец од доаѓањето на „Енфилд“ ја фасцинираше фудбалската јавност постигнувајќи 43 гола оваа сезона, во сите натпревари.
„Луѓето зборуваат дека јас сум го продал Салах, но нештата се поинакви. Јас бев тој што го купи Салах. Му реков на Челзи да го купи. Но, тој дојде како младо момче, физички и психички не беше подготвен, социјално и културно беше дезориентиран, и сè му беше тешко“, рече Мурињо, и продолжи:
„Челзи одлучи да го продаде. Значи, одлуката да го испратиме како позајмен играч беше заедничка, но одлуката потоа за негово продавање и искористување на тие пари за купување на друг играч не беше моја.“
Салах во Челзи пристигна во 2014 година, но беше позајмен на Фиорентина, а потоа и на Рома, која подоцна го откупи неговиот договор за 15 милиони фунти (околу 17 милиони евра). Во дресот на „сините“ за две сезони одигра 19 натпревари и постигна два гола.