Dejan Maksimoviç
20 Јули 2018•Ажурирај: 21 Јули 2018
ПАРИЗ (АА) - Бразилскиот фудбалер Нејмар одлучи да стави крај на сè почестите медиумски шпекулации за неговото заминување во Реал Мадрид, јавно изјавувајќи дека останува во Париз Сен Жермен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нејмар минатото лето стана најскапиот фудбалер на светот при трансферот од Барселона во ПСЖ, вреден 222 милиони евра. Со новиот клуб ги освои сите трофеи во Франција, Првенството, Купот и Лига купот. Меѓутоа, откако пристигна во Париз, медиумите го селат во Реал, а таквите тврдења се засилија откако Кристијано Роналдо го напушти „кралскиот клуб“ ова лето и премина во Јувентус.
„Останувам. Јас останувам во Париз. Имам договор. Сите овие приказни се само медиумски шпекулации. Сите ја знаат мојата цел, затоа и дојдов во Париз. Сакам да бидам успешен со овој клуб и се надевам дека следната сезона ќе биде неверојатна“, рече Нејмар.
Неодамна и Реал Мадрид објави демант по повод информациите кои го поврзуваат со доведувањето на Нејмар.
Бразилскиот репрезентативец за ПСЖ одигра 30 официјални натпревари и постигна дури 28 гола. Со репрезентацијата на Бразил, за која одигра 90 натпревари со 57 гола, на неодамнешното Светско првенство во Русија беше елиминиран од Белгија во четвртфиналето.