ИСТАНБУЛ (АА)
Фудбалскиот свет жали за смртта на бразилската фудбалска легенда Пеле, кој почина на 82-годишна возраст, известува Агенција Анадолија (АА).
Едсон Арантес до Насименто, попознат како Пеле, зад себе остави успешна фудбалска кариера.
Пеле, според многумина љубители на спортот, најдобриот фудбалер на светот, почина како едно од имињата кои оставија трага во фудбалскиот свет освојувајќи три светски титули со репрезентацијата на Бразил, и голем број клупски и индивидуални успеси кои ги вклопи во својата кариера.

Пред да ја заврши својата фудбалска кариера во тимот на Њујорк Космос од САД, статуата на Пеле беше поставена пред Стадионот „Маракана“, место на кое за Бразилците е роден фудбалот. Пеле во дресот на Сантос, што го носеше 19 години, постигна над 1.000 гола.
- Фудбалска легенда која се издигна од сиромаштија
Пеле е роден на 23 октомври 1940 година во Трес Коракоес, Бразил, како син на фудбалер по име Дондињо и мајка Селесте Арантес.
Легендарниот бразилски фудбалер, кој е најстарото дете во сиромашно семејство со две деца, од школските другари го добил прекарот „Пеле“, по играчот на Васко де Гамали, Биле, кој му бил миленик.
Пеле уште како мал работел како келнер во кафулиња и до одредена возраст немал ниту фудбалска топка. Првите чекори на зелените терени ги направи во клубот Бауру и трипати го освои Јуниорскиот државен шампионат на Сао Паоло едноподруго во периодот 1954 - 1956 година.
Неговиот младински тренер Валдемар де Брито го однел во клубот Сантос на проба, каде што Пеле во 1956 година го потпиша својот прв професионален договор во кариерата исполнета со успеси.
- Години исполнети со успех во Сантос
Пеле, кој беше најдобар стрелец во неговата прва година во Сантос на само 16-годишна возраст, доби голем број понуди за трансфер во врвните европски тимови, како што се Реал Мадрид, Јувентус и Манчестер Јунајтед, но тој не го напушти тимот бидејќи бразилската Влада која Пеле го опиша како „национално богатство“, не дозволи негов трансфер.
За време на неговите 19 години минати во Сантос, Пеле освои 10 државни првенства, 6 шампионати на Бразил и по две титули на Копа Либертадорес и Интерконтиненталниот куп.
- Репрезентативна кариера
Бразилската репрезентација ја живееше својата златна доба со Пеле, кој уште како момче почна да го носи репрезетнативниот дрес.
Младиот Пеле дебитира на Стадионот „Маракана“ против Аргентина во 1957 година на возраст од 16 години и 9 месеци, при што го постигна единствениот гол за својот тим во натпревар што Бразил го загуби со 2:1. Со овој погодок Пеле стана најмладиот играч кој постигнал гол на репрезентативно ниво во тоа време.
Откако со селекцијата на Бразил победи на Светското првенство во Шведска 1958 година, во Чиле 1962 и во Мексико 1970 година, Пеле стана единствениот фудбалер кој освоил три мундијали.
Пеле, наречен и „Црниот бисер“, за бразилската репрезентација одигра 92 натпревари во периодот 1957 - 1971 година, постигнувајќи 77 гола.
- Со фудбалот се збогуваше во САД
По заминувањето од Сантос, Пеле ја продолжи фудбалската кариера во Северна Америка.
Легендарниот бразилски играч, кој го носеше дресот на Њујорк Космос, еден од тимовите во американската лига, во периодот 1975 - 1977 година, ја освои шампионската титула во лигата во својата последна година.
По неговата фудбалска кариера, Пеле беше министер за спорт во неговата земја, фудбалски амбасадор на ФИФА и Сантос, почесен претседател на Њујорк Космос и амбасадор на добра волја на Обединетите нации и УНЕСКО.
- Лични успеси
Пеле трипати беше најдобар стрелец во бразилската лига, 11 пати во државната лига и по еднаш во Копа Либертадорес и Копа Америка.
Пеле, кој беше член и на Дрим-тимот на Светскиот куп, ја освои наградата „Најдобар млад играч“ на Светското првенство во 1952 година, добитник е на наградата „Сребрена топка“ на Светското првенство во 1958 година и на Почесната награда „Златната топка“ од страна на ФИФА во 2013 година.
Покрај тоа, на Пеле му беа доделени титулите за фудбалер и спортист на векот од страна на ФИФА, Меѓународниот олимписки комитет, УНИЦЕФ и магазинот „Тајм“ (Time).
Легендарниот фудбалер со прекарите „Црниот бисер“, „Кралот на фудбалот“, „Кралот Пеле“ е еден од играчите кои го надминаа прагот од 1.000 постигнати голови. Влезе во Гинисовата книга на рекорди како фудбалер кој на 1.363 натпревари во својата кариера постигнал 1.279 погодоци.