Husamedin Gina
01 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) – Фудбалската репрезентација на Македонија во пријателскиот натпревар во рамките на подготовките за Европското првенство ЕУРО 2020, вечерва во Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје со репрезентацијата на Словенија одиграа нерешено 1:1, јавува Агенција Анадолија (АА).
Голот за водството на репрезентацијата на Северна Македонија го постигна Елиф Елмас во 55. минута од натпреварот.
Репрезентацијата на Северна Македонија предност имаше сè до последните моменти на натпреварот кога Словенија го изедначи резултатот во судиското надополнување (90+7 минута).
Израмнувачкиот гол за Словенија го постигна Домен Црнигој.
Резултатот по првите 45. минути беше 0:0.
Пријателскиот натпревар со Словенија е прв што се одржа во присуство на навивачи, по забраната воведена како мерка за превенција за ширењето на новиот вид коронавирус (Ковид-19).
Националната арена „Тоше Проески“ беше исполнета 30 проценти од вкупниот капацитет, кој изнесува 36.400 гледачи.
Покрај денешниот пријателски натпревар против Словенија, репрезентацијата на Северна Македонија во рамките на подготовките за ЕУРО 2020 в петок ќе го одигра и натпреварот против Казахстан.
Фудбалската репрезентација на Северна Македонија за првпат се квалификува во натпреварување на високо ниво.
Одложеното Европското првенство ЕУРО 2020 поради пандемијата на Ковид-19 ќе стартува на 11 јуни со воведниот меч меѓу Турција и Италија, а Северна Македонија својот прв историски меч ќе го одигра на 13 јуни против Австрија во рамките на групата Ц, каде што се наоѓаат и Украина и Холандија.