Admir Fazlagic
06 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во спортот за сите“, рече премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев ова го изјави денеска во Струмица, каде придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски заедно со млади, членови на неколку спортски клубови, здруженија и ученици од повеќе училишта, со учество во повеќе спортски и рекреативни игри го одбележаа 6-ти април, денот кој Обединетите нации го прогласија за Меѓународен ден на спортот за развој и мир.
Премиерот Заев рече дека преку моделот на училиштен спорт се планира зголемување на бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 во основното и во средното образование.
Премиерот Заев и министерката Царовска се забавуваа заедно со младите и во изјавата за медиумите ја истакна исклучителната важност на спортот и физичките активности за секое општество.
„Затоа, ги промовираме и поддржуваме политиките со кои ќе се зголеми бројот на граѓани, од сите возрасти, социјални групи и средини, кои секојдневно го применуваат спортот и спортско-рекреативните активности. Приоритет ставаме на создавањето квалитетен систем на спорт во училиштата. Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во спортот за сите“, рече премиерот Заев.
За значењето, посветеноста на Владата на спортот и физичката активност и нивното влијание врз психофизичкиот развој, говореше и министерката Царовска.
„Навистина е важно кога зборуваме за инклузивно општество да зборуваме дека таа инклузија на лицата со попреченост треба да се случи на сите нивоа од секојдневното живеење. Спортот е еден дел од нашето живеење, токму затоа овој ден е многу важно што го поздравуваме со директно вклучување во сите спортски екипи, кои што денеска се претставија тука, имаа во себе содржано и лица со попреченост“, истакна министерката Царовска.
Каевски по повод Денот на спортот за развој и мир, кој со пригодни спортски, културни и уметнички манифестации се одбележува насекаде во светот, истакна дека ваквите активности реално ја отсликуваат стратегијата на Агенцијата и Владата како конкретно да создава услови за омасовување на спортот особено кај младите и најмладите категории.
„Анализите покажуваат дека во 2019 година процентот на деца кои спортуваат е неколкукратно зголемен од пред две години, што јасно покажува остварување на нашите амбиции, на нашата Стратегија за воведување на нови стандарди, особено во училишниот спорт, со што го зголемуваме и квалитетот и обемот на спортот“, рече директорот Каевски, истакнувајќи дека спортот е една од главните алатки која ги сплотува луѓето и нуди мир и развој.