Dejan Maksimovic
10 Јули 2024•Ажурирај: 10 Јули 2024
МИНХЕН (АА) - Фудбалската репрезентација на Шпанија е првиот финалист на Европското фудбалско првенство ЕВРО 2024 кое се игра во Германија, откако синоќа во полуфиналето ја совлада Франција со резултат 2:1, известува Анадолу.
Извонреден натпревар одиграа селекциите на Шпанија и Франција на „Алијанц арената“ во Минхен. Франција поведе со 0:1 благодарение на погодокот на Коло Муани во 9. минута по центаршутот на Килијан Мбапе.
Долго не се чекаше на одговорот на Шпанија. Феноменалниот 16-годишен Ламине Јамал во 21. минута со извонреден шут од десниот дел на шеснаестерецот го изедначи резултатот на 1:1. Само 4 минути подоцна, во 25. минута, Шпанците направија целосен пресврт. Овој пат пред голот на Франција извонредно се снајде Дани Олмо кој силно шутираше, а Жил Кунде не успеа да ја исфрли топката и ја затресе сопствената мрежа за водство на Шпанија од 2:1, резултат со кој се замина на полувреме.
Во продолжението на натпреварот се играше доста отворено од двете страни, но ниту една од репрезентациите не успеа да постигне погодок. Во самата завршница прво Јамал се закани со удар надвор од казнениот простор, а потоа и Мбапе на другата страна, но и двајцата беа непрецизни. На крајот Шпанија успеа да победи со 2:1 и се избори за пласман во финалето на ЕВРО 2024.
Вториот полуфинален натпревар се игра вечер со почеток во 21 часот меѓу репрезентациите на Холандија и Англија.
Финалето на ЕВРО 2024 на програмата е на 14 јули и ќе се игра на Олимпискиот стадион во Берлин, со почеток во 21:00 часот.