Ahmet Furkan Mercan
28 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
ТОКИО (АА) - Претседателот на Здружението на лекари во Јапонија, Уејама Наото, побара Олимписките игри во Токио да бидат откажани поради четвртиот бран на епидемија на Ковид-19 во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На одржаната прес-конференција Уејама истакна дека околу 100.000 луѓе, вклучувајќи спортисти, официјални лица и персонал ќе се соберат во Токио, и дека стапката на детектирани случаи на Ковид-19, која во моментов го одржува својот тренд на зголемување, ќе се забрза уште повеќе.
Истакнувајќи дека Јапонија се наоѓа во четвртиот бран на епидемијата, Уејама рече: „Сите варијанти на Ковид-19 кои постојат во различни региони ќе се соберат тука во Токио.“
Посочи дека стапките на вакцинација во земјата не го достигнале посакуваното ниво во споредба со развиените земји на Запад, и нагласи дека организирањето на турнирот под овие услови е „неодговорно кон олимписките спортисти“.
Уејама, наведувајќи дека не е исклучена можноста да се појави нова варијанта на вирусот, повика на откажување на Игрите во Токио, за кои останаа помалку од два месеца.
- Меѓународниот олимписки комитет (OIC) ја поддржува Јапонија, и покрај можна вонредна состојба -
Џон Коутс, потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет (OIC), минатата недела на онлајн прес-конференција соопшти дека Комитетот ја поддржува Јапонија за организација на турнирот, дури и ако во Токио се воведе вонредна состојба против Ковид-19.
Според анкетата спроведена од агенцијата „Кјодо“, 59,7 проценти од испитаниците истакнаа дека Олимписките игри во Токио треба да бидат откажани поради случаите на Ковид-19, кои го задржаа трендот на пораст.
Олимписките игри, што претходно беа планирани да се одржат во периодот 24 јули - 9 август 2020 година и беа одложени поради епидемијата, ќе се одржат во периодот 23 јули - 8 август 2021 година.