Yusuf Hatip
17 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за ЕУ и главниот преговарач на земјата, Омер Челик, остро ја критикуваше програмата на новата коалициска влада на Австрија во која се наведува дека ќе се залага за прекин на пристапните преговори на Турција во ЕУ и дека за тоа ќе бара сојузници, јавува Anadolu Agency (AA).
„Владата на Австрија, договорена меѓу партиите на десниот центар и радикалната десница, не губеше време и веднаш започна со напади на темелните демократски вредности“, порача турскиот министер Челик преку „Twitter“ (Твитер).
Челик предупреди дека десниот центар е само етикета која ја носи Народната партија на Австрија (OVP), а која всушност манифестира многу радикална политика.
„Досегашниот шеф на австриската дипломатија и претседател на таа партија, Себастијан Курц, ќе биде канцелар на Австрија. Неговиот менталитет е значително порадикалеn од радикалната десница. Сега, таа коалиција во програмата на владата гo става прекинoт на преговорите со Турција. Покрај тоа, најавуваат дека за тоа ќе бараат и сојузници“, наведе Челик.
Истакнувајќи дека таквите најави будат лоши сеќавања од минатото, Челик изјави дека австриската коалиција ја претставува првата радикална десница на власта во ЕУ.
„И по објавувањето на таквата програма на коалициската влада, австрискиот комесар на ЕУ за проширување и добрососедски односи, Јоханес Хан, изјавува дека е задоволен од проевропскиот правец на таквата влада. Таквите ставови ги прават европските вредности формалност и оддржуваат настојување во ЕУ да се предизвика игра на моќ“, порача Челик.
Нагласувајќи дека ЕУ покажала стабилност наспроти големиот број кризи во светот, турскиот ресорен министер порача дека таа стабилност може да се зачува исклучиво со заштитата на политичките вредности.
Тој, исто така, наведе дека со години заканите кон ЕУ се чекале однадвор, а дека заканите за европските вредности растат внатре во Европа.
„Видлив е прогресот на антиисламските, ксенофобни, антисемитски партии во ЕУ. Тавите политички струи сега во Австрија дојдоа и на власт. Австрија би можела да извлече поуки од блиското минато и наместо барање сојузници за прекин на преговори, би требало да бара сојузници за јакнење на односите со Турција“, порача Челик.
Претседателот на конзервативната Народна партија на Австрија (OVP), Себастијан Курц, и челникот на радикално-десничарската Слободарска партија (FPO) Хајнц-Кристијан Штрахе, синоќа ја објавија програмата за идната австриска влада која ќе ја сочинува коалицијата на двете политички опции.