Ekipa
10 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Грција треба да знае оти ставот кој го покажува кон мигрантите на граничната линија, е убиство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган одговараше на прашањата на новинарите во авионот при враќањето од посетата на Белгија.
„Идлиб, Сирија и мигрантската криза, пред сѐ се тест за волјата и лидерството на Европската Унија, отколку на Турција“, рече Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на примирјето во Идлиб, и додаде: „ЕУ треба да го направи тоа на што се обврза во овој период, кога во Идлиб постигнавме примирје, плаќајќи голема цена и цивилите ги зедовме под заштита.“
Тој нагласи дека лидерите на ЕУ признале дека Турција ги исполнила своите должности и дека ЕУ се движела споро.
„Со ЕУ може да започнеме нов процес. Во тој правец направивме повеќе чекори и понатаму ќе продолжиме да ги правиме“, истакна тој.
Ердоган се осврна на ставот на Грција кон мигрантите на граничната линија.
„Грција треба да знае дека ставот кој го покажува на граничната линија, е убиство. Ќе бараме одговорност за тоа“, додаде Ердоган.
Тој нагласи дека на Грција ѝ предлага да ги отвори вратите. „Овие луѓе нема да останат во Грција, нека преминат и нека одат кон другите земји во Европа“.
„Иако [во Сирија] е привремено примирје, тоа оди добро, поминаа четири дена. Се надевам дека ќе продолжи така и дека ќе се претвори во постојано примирје“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на мерките преземени против новиот вид коронавирус (Ковид-19).
„Одлично ги направивме прелиминарните подготовки, како и инфраструктурата против коронавирусот“, додавајќи дека не треба да постои сомнеж за спремноста на здравствени установи во Турција во оваа насока.
Ердоган истакна дека тоа што во Турција не е откриена оваа зараза која според него се појави во 114 земји, покажува дека се преземени соодветни мерки.
Од друга страна, турскиот претседател информираше дека во вторник во Истанбул ќе се состане со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Доколку дојде и Борис Џонсон, ќе одржиме четирилатерален самит, ако не, ќе имаме трилатерален самит“, рече Ердоган.