Ayşe Yıldız
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Во врска со решението да не се испорачаат осумтемина војници-пучисти – членови на терористичката организација ФЕТО кои по неуспешниот обид за државен удар на 15 јули, со хеликоптер пребегаа во Грција – министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу во Анталија изјави за новинарите: „Покрај договорот за реадмисија на бегалците потпишан со Европската Унија, со Грција имаме потпишано и билатерален договор за реадмисија меѓу двете земји. Ќе ги преземеме потребните чекори за прекин на договорот за реадмисија со Грција. Не можеме да гледаме позитивно кон земјите што им излегуваат во пресрет на терористите, предавниците и на пучистите. Грција треба да го знае тоа“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу истакна дека апсолутно е неприфатлива ваквата одлука и додаде: „(Владеење на правото) нема такво нешто. Станува збор за осуммина предавници-пучисти, кои се обидоа да му го загрозат животот на претседателот на Турција. Не станува збор за неправедно обвинети. Доколку погледнете во кој било Устав или закон, не постои заштита на пучисти или терористи“.
- Второ барање за екстрадикција на пучистите упатено до Грција
Министерот Чавушоглу истакна дека е потребно фер судење за пучистите што избегаа во Грција, посочувајќи дека за да може да се спроведе судењето, потребно е тие да се вратат на местото каде што е извршено кривичното дело.
Турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, потсетувајќи дека Турција и Грција имаат договор за реадимисија, го истакна следното:
„На Грција ѝ ги предадовме сите потребни документи, докази, сѐ што е потребно. Затоа, ова не е правна, туку политичка одлука. Во моментов Грција е земја што ги поддржува и им излегува во пресрет на пучистите и на терористите. Таа им излезе во пресрет и на терористите, како што се членовите на ДХКП-Џ и ПКК. Дури и познато е дека во Грција постојат кампови на ДХКП-Џ. Некои беа затворени по нашите притисоци, но оваа одлука е неприфатлива. Се разбира дека ги направивме сите потребни објаснувања. Упативме барање за нивно повторно судење, реагираме, а тоа ќе го спроведеме и во реалност. Овој акт сакале или не, ќе делува врз нашите односи.
„Покрај договорот за реадмисија на бегалците потпишан со Европската Унија, со Грција имаме потпишано и билатерален договор за реадмисија меѓу двете земји. Ќе ги преземеме потребните чекори за прекин на договорот за реадмисија со Грција. Не можеме да гледаме позитивно кон земјите што им излегуваат во пресрет на терористите, предавниците и на пучистите. Грција треба да го знае тоа“.
- „Му се заблагодаруваме на данскиот Парламент“
Министерот Чавушоглу даде оцена за одлуките што ги донесоа данскиот и францускиот Парламент во врска со настаните од 1915 година. Тој потсети дека претходно слична одлука донесе француското Собрание и Сенатот, но Врховниот суд на Франција ја поништил ваквата одлука.
Чавушоглу истакна дека одлуката е поништена под образложение дека тоа е во спротивност со слободата на изразување, и посочи дека одлуката на Европскиот суд за човекови права во швајцарскиот случај за Догу Перинчек, и покрај оваа одлука, смета дека е погрешен обидот на политичарите, само со цел за популизам, целиот случај повторно да го вратат во Собранието и во Сенатот.
Според Чавушоглу, во седиштето на Европа политичарите почнале повеќе да се занимаваат со популизмот од екстремно десно и лево ориентираните партии и политичари, и во врска со тоа го истакна следното:
„Губат гласови, ослабуваат. Немаат решенија за земјата. Замислете, во Франција излегува кандидат кој изјави: 'Јас бев кандидат во САД против Трамп, во Русија против Путин, во Турција против Ердоган'. Ти како ќе ѝ помогнеш на сопствената држава, како ќе ја подобриш економијата? Одлуката што ја донесе Собранието на Данска е многу значајна. Во неа се вели дека настаните поврзани со историјата, задачите поврзани со развојот во историјата, не се работа на Собранието и на пратениците, туку на историчарите. Ова е многу добар одговор за оние што сакаат да ја злоупотребат историјата. Затоа му се заблагодаруваме на Парламентот на Данска“.
- „Повик до Ерменија за заедничка комисија“
Турскиот министер Чавушоглу соопшти дека до Ерменија е упатен повторен повик за формирање заедничка комисија:
„Ние постојано ѝ велиме на Ерменија: 'Дојдете, доколку верувате во себе, да формираме заедничка комисија. Нека се придружат и научници од другите земји. Секој нека ги отвори своите архиви. Ние го прифаќаме крајниот резултат'. Но до денес, Ерменија не го прифати нашиот предлог. Зошто? И самите знаат дека не постои геноцид, но соработуваат со своите лоби групи во странство против Турција, а сега кон нив се приклучија и паралелните структури, предавниците, членовите на ФЕТО со кои работат заедно. Го избраа тој пат, но на тој начин не можат да ја сменат историјата. Затоа значајна е одлуката што ја донесе Парламентот на Данска“.