Sarp Özer
24 Ноември 2018•Ажурирај: 25 Ноември 2018
АНКАРА (AA) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, денеска во Анкара изјави дека на американските функционери им го пренел незадоволството од планот на Соединетите Американски Држави (САД) за поставување набљудувачки точки на северната граница на Сирија.
„Ваквите активности можат дополнително да ја направат уште посложена, во значителна мерка веќе компликуваната ситуација во регионот“, рече Акар за Anadolu Agency (AA).
На прашањето во врска со планот на САД за формирање набљудувачки точки на северната граница на Сирија, Акар рече дека околу оваа тема се разговарало и на состанокот со началникот на американскиот Генералштаб, генералот Џозеф Данфорд, со кого неодамна се состанал на маргините на Меѓународниот безбедносен самит во канадскиот град Халифакс.
„Планот на американските војници на границата на Сирија да формираат набљудувачки точки, ќе наиде на многу негативна перцепција во нашата земја. Во текот на состанокот истакнавме дека тоа може да се сфати како вид заштита која американските војници им ја пружаат на терористите на ЈПГ. Повеќепати на тој план го искажавме нашето незадоволство“, рече Акар, и додаде:
„Ваквите активности можат дополнително да ја направат уште посложена, во значителна мерка веќе компликуваната ситуација во регионот. Во таа смисла, сметам дека за тоа нема потреба. Секој треба да биде свесен дека Вооружените сили и државата Турција ќе ги преземат сите неопходни мерки во случај на ризик или закана која ќе дојде од другата страна на границата. Од нашите американски сојузници очекуваме што поскоро да ја прекинат соработката со терористите на ЈПГ, кои по ништо не се разликуваат од терористите на ПКК.“