Satuk Buğra Kutlugün
25 Јуни 2018•Ажурирај: 25 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање во седиштето на Партијата на правдата и развојот (AK Parti) во Анкара, по изборитe во Турција, порача дека најголемите победници на претседателските и парламентарните избори се демократијата и народот на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Победник на овие избори е демократијата, волјата на граѓаните, победник е народот“, рече Ердоган.
Нагласи дека народот на споменатите избори решително застана во заштита на својата слобода и иднината.
„Народот кој вчера со голи раце ги запре тенковите, топовите, авионите, хеликоптерите и вооружените пучисти, со истите тие раце денес застана во заштита на својата слобода и иднина. Победи Турција, турскиот народ, но и сите обесправени луѓе во светот“, рече Ердоган.
Тој истакна дека ќе продолжат големите напори со цел Турција да ги оствари сите свои зацртани цели и во наредните години.
„Со силата што ни ја дадовте на изборите, сите заедно ќе ги постигнеме целите на нашата земја за 2023 година“, рече турскиот претседател, додавајќи дека Турција ја продолжува борбата против терористите.
„Турција ја избра одлучната борба против сите терористички организации, од ПКК до ФЕТО. Ќе го зголемиме меѓународниот углед на нашата земја“, рече Ердоган.
На крајот порача дека Турција ќе продолжи и понатаму исправено и храбро да чекори.
„Овој резултат е потврда дека ќе бидеме исправени пред сите што попреку нè гледаат, од терористите, па сè до глобалните кругови на интерес“, истакна Ердоган во обраќањето пред насобраните симпатизери на АК Партијата.
Претседателот на Врховната изборна комисија (YSK) на Република Турција, Сади Ѓувен, ја потврди победата на Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори во Турција.