Gözde Bayar
25 Октомври 2019•Ажурирај: 26 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турција контролира област во северна Сирија во должина од 120 километри источно од реката Еуфрат долж границата меѓу двете земји“, изјави денес турскиот потпретседател Фуат Октај, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на 21. Светски конгрес на рускиот печат во главниот град Анкара, Октај истакна дека Турција контролира 120 километри од 480-те километри источно од реката Еуфрат во Сирија.
На 9 октомври Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Потпретседателот нагласи дека ниту една земја не треба да очекува од Турција да дозволи до својата јужна граница да опстојува крволочна терористичка организација, којашто ги убива своите војници и цивилите неселективно повеќе од 40 години.
„Постигнувањето на целите од договорите со Русија и САД зависи од расчистувањето на сите елементи на терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ од Сирија“, додаде Фуат Октај.
Тој рече дека право на Турција е да го спречи формирањето на терористички коридор во северна Сирија, и дека Турција продолжува да го брани тоа право и на маса и на терен.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на 22 октомври во Сочи се состана со рускиот колега, Владимир Путин, и постигна договор кој вклучува почеток на заеднички турско-руски патроли во северниот дел на Сирија.
Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со северна Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
- Билатералните односи со Русија -
Турскиот потпретседател истакна дека турско-руските односи се зајакнати во последните 15 години.
Тој рече дека во првата половина од оваа година претседателите Ердоган и Путин оствариле шест средби и девет телефонски разговори.
Реферирајќи на состанокот во Сочи, Октај нагласи дека Турција вложува големи напори за институционализирање на односите и унапредување на пријателската соработка меѓу двете земји.
„Ние дадовме приоритет на зголемувањето на обемот на билатералната трговска размена на 100 милијарди долари и на зголемување на бројот на туристи на 6 милиони. Пред сѐ, нашето партнерство со Русија има за цел осигурување на стабилноста, просперитетот и мирот во регионот“, заклучи турскиот потпретседател Фуат Октај.