АНКАРА (АА) - Туркије ја изведе „најголемата, најопсежната и ефективна“ воздушна операција во Ирак и Сирија против терористите, изјави денес турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Операцијата 'Канџа-меч', која започна на 19 ноември во северните области на Ирак и Сирија, е најголемата, најопсежната и најефикасната воздушна операција против терористичката организација во последниот период“, изјави Акар за време на неговото обраќање во Парламентот во главниот град Анкара.
Туркије во неделата утрото ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК која има засолништа близу ирачко-турската и сириско-турската граница, од каде што планира напади на турска територија.
Акар истакна дека целта на операцијата се само терористите. „Со операцијата уништени се дувлата на терористите и зададен им е голем удар на предавниците кои ја зедоа за цел безбедноста на нашата земја и народ“, додаде тој.
„За нас не постои етничка или верска дискриминација меѓу тероризмот и терористите. Нашата единствена цел се терористите. Каде е терористот, таму е нашата цел“, нагласи турскиот министер Акар.
Тој додаде дека Туркије ги смета ПКК и ЈПГ за исти терористички организации и ги повика земјите, особено САД, да ја прекинат сета поддршка за терористите.
„Од 24 јули 2015 година, во Туркије, северен Ирак и северна Сирија неутрализирани се вкупно 36.854 терористи, вклучувајќи 3.585 од почетокот на 2022 година“, рече Акар.
Воздушната антитерористичка операција на Туркије уследи по терористичкиот напад изведен на 13 ноември на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 беа повредени.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто се наоѓа на листата на терористички организации во Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.
- „Туркије нема да дозволи никаков ‘свршен чин’ во Источниот Медитеран“ -
Турскиот министер Акар посочи дека Грција продолжува да соработува со терористичките организации, обезбедувајќи им секаков вид помош во кампот „Лаврион“.
Кампот „Лаврион“ во близина на Атина, некогашен бегалски камп, долго време е под контрола на терористичката ПКК и стана терен за обука на терористите.
Акар се осврна и на прашањето на мигрантите и нагласи дека Грција ги истуркува нерегуларните мигранти кон Туркије со „екстремно сурови и нехумани практики“.
„Секогаш искрено сме нагласувале дека ние сме подготвени да се сретнеме со нив и да ги решаваме проблемите преку дијалог“, рече тој.
Осврнувајќи се на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Акар рече дека Туркије ќе продолжи да ги штити правата и интересите на кипарските Турци во Источниот Медитеран.
„Иако сме отворени за дијалог, не сме дозволиле и нема да дозволиме никаков „свршен чин“ за Кипар, Егејското Море и Источниот Медитеран“, додаде турскиот министер.
- Кандидатурите на Шведска и Финска за НАТО –
Во однос на барањата на Шведска и Финска за приклучувањето во НАТО, Акар рече дека Туркије ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО.
„Ние не сме против членството на Шведска и Финска во НАТО. Но, очекуваме од нив да ги исполнат обврските што ги потпишаа на 28 јуни во Мадрид“, додаде тој.
Рече дека Анкара очекува тие да ги прекинат врските со терористите и да ја прекинат поддршката за нив.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај поттикнати од руската војна против Украина, но Туркије изрази забелешки и противење поради нивната поддршка на терористичките организации како што е ПКК.
Трите држави потпишаа трилатерален меморандум за разбирање на јунскиот самит на НАТО во Мадрид, со кој се предвидува Финска и Шведска повеќе да не даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ниту на терористичката организација ФЕТО, одговорна за неуспешниот обид за воен удар во Туркије.
Финска и Шведска, исто така, се согласија да се посветат на барањата на Анкара за депортирање или екстрадиција на осомничените за тероризам.