Ekipa
13 Март 2020•Ажурирај: 15 Март 2020
ХАТАЈ (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, истакна дека преговорите со воената делегација од Русија се завршени и дека е постигнат договор во врска со деталите за примирјето во сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Текстот што го подготвивме е потпишан од двете страни и стапи на сила. Првата имплементација ќе ја видиме со заедничката патрола на Автопатот М4 на 15 март“, истакна Акар одговарајќи на прашањата од новинарите на аеродромот во Хатај, откако присуствуваше на погребот на војникот Бејазит Бестами Булуш во областа Катакан, во турски Хатај.
Акар, потсетувајќи дека руската воена делегација во Турција пристигнала во вторникот и дека преговорите траеле 4 дена, рече:
„Видовме позитивен пристап во преговорите. Средбите со турската делегација продолжија во согласност со договорот што нашиот претседател [Ердоган] го склучи во Москва со господинот Путин на 5 март.“
Наведувајќи дека своите мислења, барања и очекувања ги ставиле на маса во согласност со договорот, Акар рече:
„И другата страна исто така ги постави своите идеи, своите барања и најдовме заедничко решение. Текстот што го подготвивме е потпишан од двете страни и стапи на сила. Првата имплементација ќе ја видиме со заедничката патрола на Автопатот М4 на 15 март“, истакна Акар додавајќи дека потоа ќе се формираат заеднички центри за координација и оттаму ќе се водат активностите.
„Нашите барања на таа тема се познати. Многу се јасни. Многу пати беше кажано и од нашиот претседател. Нашата желба и главната цел е прекинот на огнот да биде постојан. Сè што е потребно во тој правец ние ќе направиме. Изразивме дека тоа го очекуваме и од нашите соговорници. Видовме дека тие имаат конструктивен пристап на таа тема“, рече турскиот министер.
Потенцирајќи дека очекуваат миграцијата да престане што е можно поскоро со прекинот на огнот, Акар рече дека има добар развој на настаните во овој правец.
„Нашите очекувања се заедно со прекинот на огнот да престане и миграцијата. Има многу убави траги и знаци дека имиграцијата од Идлиб престанала. Тука и Канцеларијата за управување со вонредни состојби во Турција, АФАД, и турската Црвена полумесечина „Кизилај“ градат монтажни куќи. Даваме можност за привремено сместување на нашите сириски браќа. Тие активности продолжуваат“, рече турскиот министер за одбрана.