Gökhan Ergöçün
13 Март 2020•Ажурирај: 15 Март 2020
АНКАРА (АА) - Во услови на сè поголемо ширење на коронавирусот во светски рамки, турска компанија изработува машини за вендирање со цел заштитните маски за лице и средствата за дезинфекција да бидат достапни на јавни места, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердем Динчсој, директор на компанијата „Електрал“, вели дека машината е идеална за фреквентни јавни места како што се метро станиците и аеродромите.
„Освен заштитни маски, машината ќе обезбедува и влажни марамчиња и средства за дезинфекција со цел да им помогне на луѓето да се заштитат себеси“, изјави Динчсој за Агенција Анадолија.
Тој рече дека автоматизираната машина може да се покаже како значајна мерка во напорите за спречување на ширењето на коронавирусот, бидејќи обезбедува лесен пристап до важни медицински производи за граѓаните.
„Не е потребен персонал за да работи со машината и луѓето имаат пристап до овие производи во секое време, било со кеш или со платежни картички“, рече тој.
Динчсој вели дека новите машини се очекува да бидат поставени на аеродромите и на метро станиците во Истанбул.
Во Турција досега има два потврдени случаја на Ковид-19.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но сега се прошири во над 120 земји и територии.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е скоро 5.000, а има над 130.000 потврдени случаи.
Претходно оваа недела, СЗО прогласи пандемија поради коронавирусот.