Zehra Melek Çat
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ЕРЗУРУМ (АА) - Министерот за здравство на Република Турција, Реџеп Акдаг, изјави дека двајца загинати и 30 ранети лица во вчерашниот напад со хемиско оружје во Идлиб се донесени во болниците во Турција. Тој додаде дека Турција поседува докази оти во тој напад е користено хемиско оружје и дека доказите ќе ги проследи до Светската здравствена организација (СЗО), јавува Anadolu Agency (AA).
„Секако, тоа се само оние што имаше можност да се префрлат во Турција, а за голем број од настраданите немаше можност да се стори тоа. Стотици лица се убиени и тешко ранети. Поседуваме јасни докази дека во нападот е користено хемиско оружје и ќе ги проследиме до Светската здравствена организација. Светот не смее да остане пасивен по такво злосторство“, изјави турскиот министер Акдаг.
Акдаг истакна дека меѓународната заедница мора да го подигне гласот и да ги спречи свирепите и варварски злосторства што силите лојални на режимот на сирискиот претседател ги прават во таа земја, и најостро ги осуди тие злосторства.
„Турција вложува големи напори за да му помогне на народот на Сирија и тоа ќе го прави и понатаму. Кога безбедносните услови ќе го дозволат тоа, и преку границата ќе испраќаме лекарски екипи. Потребно е да се изврши деконтаминација на местото на нападот со хемиско оружје, каков што се случи вчера во Идлиб. Ние имаме капацитет да го сториме тоа, но факторот на безбедноста тука е многу важен“, изјави Акдаг.
Во вчерашниот напад во кој режимските сили на Асад користеа хемиско оружје во Идлиб се убиени повеќе од 100, а ранети над 500 цивили.
Меѓу настраданите има голем број деца и жени, а Турција, Велика Британија, Франција и други земји го осудија нападот.
Советот за безбедност на ОН денес со вонредна седница за ова злосторство.