Almir Terzic
10 Март 2024•Ажурирај: 11 Март 2024
АНКАРА (АА) - Шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун, изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со лаги ги напаѓа Туркије и нејзиниот претседател за да ги прикрие злосторствата извршени од неговата земја, известува Анадолу.
Алтун на својот профил на социјалната мрежа Х објави дека Нетанјаху повторно е во акција.
„Тој ја напаѓа нашата земја за да ги прикрие своите злосторства. Никакви лаги, дезинформации и измами не можат да ги сокријат историските масакри што тој ги изврши врз невините цивили. Историјата веќе го оцени како погубниот лидер за овој регион, како и за неговата земја“, напиша Алтун.
Тој истакна дека постојат лидери кои жртвуваат сè, вклучително и своите животи, за својата земја, заради мирот и просперитетот.
„Тие работат дење и ноќе за да го подобрат животот на своите граѓани и да градат добри односи со соседите. Свесни за историскиот товар на нивните плеќи, тие се залагаат за вистината и правдата во глобалните прашања. Нашиот претседател Ердоган е таков лидер што ние како граѓани на Туркије сме горди што го имаме“, рече шефот на Дирекцијата за комуникации.
Зборувајќи за лидерите кои жртвуваат сè, вклучително и универзалните човечки вредности и морал заради нивните себични политички цели, Алтун го рече следново:
„Тие работат дење и ноќе за да смислат планови да ги уништат животите на оние кои живеат под нивна окупација. Тие постојано предизвикуваат нестабилност, конфликти и војна во нивното соседство. Тие ја овековечуваат неправдата затоа што не се грижат за ничија благосостојба освен за сопствена. Нетанјаху е таков лидер кој е срам за својата земја“, рече Алтун.
Тој рече дека Нетанјаху, без оглед на тоа колкава поддршка ќе добие неговиот убиствен воен кабинет од глобалните сили, ќе остане во историјата како целосно промашен лидер кој ја уништи надежта за мир и стабилност во регионот.
„Нема политика или маневар што тој може да го стори за да ја смени оваа реалност“, рече Алтун.
„Палестинците страдаа и продолжуваат да страдаат толку многу поради етничкото чистење спроведено од Нетанјаху и неговата влада. Ќе продолжиме да се спротивставуваме на неговата политика со сите сили. Нема да нè заплашат неговите лаги, измами, лажни обвинувања и обиди да ја смени темата. Ние, како Туркије, цврсто ќе се залагаме за вистината, правдата и деколонизацијата на Палестина под водство на нашиот претседател Ердоган. Ќе работиме на праведно и конечно решение, кое веруваме дека е решение со две држави. Ќе продолжиме да стоиме во целосна солидарност со нашите палестински браќа и сестри“, рече Алтун.