АНТАЛИЈА (АА) - Во време на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), кога се ограничени патувањата во многу земји поради мерките што ги преземаат државите со цел спречување на ширењето на Ковид-19 и кога човештвото стравува за својата здравствена заштита, Република Турција изнајде начин да стане адреса за безбеден туризам и во овој период.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) од Скопје беше дел од новинарската група, која од Северна Македонија беше во посета на туристичките места во Република Турција, во рамките на Програмата за промоција на туризмот организирана од Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA) при Министерството за култура и туризам на Турција, а во соработка со турската Амбасада во Скопје.
Од она што беше претставено во рамките на оваа програма беше и тоа дека Турција во јули 2019 година ја основаше Турската агенција за унапредување и развој на туризмот (TGA), која работи во рамките на турското Министерство за туризам, со цел откривање, развој и промовирање на богатствата на природното, културното и биолошкото наследство на земјата.
Меѓу целите на оваа агенција се и зголемувањето на туристичкиот капацитет, зголемувањето на нивото на туристички инвестиции во националната економија, маркетинг-активностите, како и зголемувањето на квалитетот на услугата со краткорочна, среднорочна и долгорочна комуникација.
Поради избувнувањето на новата пандемија на новиот коронавирус (Ковид-19), во текот на оваа туристичка сезона ТГА ја промовираше кампањата „#SafeTurkey“, преку која ги промовираше условите коишто ги нуди Турција за безбедни туристички одмори во земјата, што вклучуваат широк спектар на мерки за транспорт, сместување и здравје на вработените и туристите.
Од мај, Турција ја започна програмата за сертифицирање на безбеден туризам, која се доделува на хотелски објекти или туристички објекти што ги исполнуваат хигиенските услови и социјалното растојание.
Овој сертификат, кој ги вклучува чекорите што треба да се преземат за да се спречи ширењето на коронавирусот, се состои од неколку клучни столбови, односно здравјето и безбедноста на туристите и работниците, и ги опфаќа мерките што треба да се применат во однос на туристите од моментот на влез до времето на нивното излегување.
Турција, исто така, воведе систем за здравствено осигурување со покривање и на Ковид-19 за странците и за нејзините граѓани што живеат во странство. Овој систем, што го опфаќа осигурувањето на туристите од моментот на слегување од авионот до нивното заминување, овозможува пакети за осигурување коишто можат да се купат до најмногу 23 евра и да покриваат медицински трошоци до 7 илјади евра.
„Овластените компании се строго контролирани и хотелите што не ги следат правилата утврдени со програмата добиваат одредено време да ги поправат грешките. Доколку не се преземат корективни мерки, хотелот ќе ја изгуби својата сертификација и без тоа не може да работи“, велат од ТГА.
- Со поддршка на властите до подобрување на состојбите во туризмот -
Менаџерот во областа на туризмот и туристички водич во Анталија, Фират Солак, рече дека пандемијата на Ковид-19 имала катастрофален ефект врз туристичкиот сектор, намалувајќи го бројот на туристи, но исто така и намалувајќи го бројот на вработените во овој сектор.

„Особено угостителскиот бизнис изгуби три месеци, забележа пад од речиси една четвртина од нормалното. Општо земено, во август и јули е најголемата сезона, но сега работиме со една третина од капацитетот“, вели Солак.
Во однос на мерките преземени од турските власти за полесно надминување на последиците од глобалната пандемија, тој истакна дека и покрај фактот што оваа година беше тешка за туристичкиот сектор, со поддршка на властите и приватниот сектор за промовирање на туризмот следната година ќе биде подобра.
Истакнува дека следната година дефинитивно ќе биде подобра, потсетувајќи и дека Турција е на списокот на шесте најпосетувани земји во светот.
Што се однесува на туристите кои ја посетуваат Анталија, како што рече, најголем број од туристите што во периодот на пандемијата го посетиле овој град биле Руси и Британци, додека посетителите од некои европски држави биле во помал број поради ограничувањата преземени од нивните влади.
Од друга страна, генералниот директор на градскиот хотел „Aкра Барут Хотел“ во Анталија, Ѓокхан Полат, објасни дека турските власти од избувнувањето на коронавирусот во март донеле правила за безбедноста на туристите за време на пандемијата и оттогаш започнале подготовките за летната туристичка сезона.
Во врска со ова, како што соопшти Полат, властите на земјата издаваат сертификати на хотелите во земјата што ги исполнуваат условите за работа за време на пандемијата, а секој месец инспекторатот спроведува проверки дали се исполнети условите, продолжувајќи го сертификатот за уште еден месец до следната контрола.
„Првата контрола, првото сертифицирање, секако беше тешка за нас. Но, по втор и трет пат ни беше полесно и сега овие работи ни изгледаат нормално нам, на гостите и на персоналот“, рече Полат.
Во однос на цената и понудите на неговиот хотел за туристите, Полат рече дека тие работат со истата стратегија како и претходните години и дека туристите, иако во помал број во споредба со другите години, се задоволни од цените и условите понудени за време на пандемиската криза.
Турција е една од најпопуларните дестинации меѓу странските посетители. Со рекордно зголемување на посетителите заврши 2019 година, достигнувајќи 51,9 милиони посетители, а истата година Турција беше шестата најпосетувана дестинација од туристите во светот.
Врз основа на патоказот што беше подготвен за 2020 година, во нормални услови земјата се очекуваше да достигне 58 милиони туристи откако двоцифрените бројки беа постигнати дури во првите два месеца од 2020 година, но поради пандемијата, неизвесна е бројката на туристи што ќе ја посетат оваа земја.
Агенцијата за промоција на туризмот има за цел Турција да биде барана туристичка дестинација низ светот и да биде домаќин на 75 милиони туристи годишно до 2023 година, како и да достигне 65 милијарди долари приходи од туризмот.
- Анталија - привлечна дестинација за туристите и во време на Ковид-19 -
Турската област Анталија, што се наоѓа во југозападниот дел на земјата, се истакнува со морето, песокот, сонцето, античките градови, историските градби и природните убавини, со што привлекува туристи од голем број земји.
Стариот дел на градот Анталија со остатоците од византиската, римската и селџучката култура зборува за својата голема историска и цивилизациска вредност. Стариот дел на градот, Калечи, го има еден од најпознатите споменици во Анталија, Хадријановата капија. Овој споменик е изграден во 130 година, за време на посетата на римскиот цар Хадријан. Специфично за споменикот е што се состои од три триумфални капии кои се споени. Токму оваа капија е влезот во стариот дел на градот што води низ чаршијата, тесните улички во кои се „кријат“ убавите кафулиња, ресторани и хотели, кои го задржале стариот изглед и сè уште му пркосат на забот на времето.

На само неполни 50 километри источно од Анталија се наоѓа античкиот град Аспендос, во кој се пронајдени градби стари 2.000 години, за кои се претпоставува дека биле користени како продавници или складишта. Површинските истражувања започнаа во 2008 година, а со одлуката на Советот на министри на Турција од 2014 година започнаа ископувањата кои се продолжени и денес, и тоа под надзор на Универзитетот „Хаџитепе“.
За време на ископувањето се пронајдени и големи количини ковани пари од хеленистичкиот и римскиот период. Просторот е изграден во облик на комплекс и продавница, што според истражувачите, покажува дека бил важен центар за трговија.
Античкиот град Аспендос има и свој римски амфитеатар, што датира од 2 век и привлекува голем број туристи. Со оглед на тоа дека овој театар на отворено има извонредно добра акустика, се користи и за разни фестивали, театарски претстави и концерти.
Недалеку од Аспендос, од неговта северна страна, се стигнува до римскиот аквадукт, за кој се вели дека има повеќе од две илјади години, а неговата намена била обезбедување вода за целиот град. Локалното население на ова место нуди сок од цедена калинка, кој претставува вистинско освежување во време на високите температури.
На 15 километри источно од градот Анталија, се наоѓа огромна површина со антички урнатини, каде што таму се наоѓа акропола датира од бронзеното време. Местото наречено Перге беше антички град во Анадолија и неодамна оваа година во неговите урнатини беше пронајдена статуа на жена од хеленистички период стара 1.700 години. Овој археолошки локалитет во античкиот град систематски го истражува Истанбулскиот универзитет од 1946 година.
Античките градови Аспендос и Перге се неизоставен дел на многумина посетители на регионот на Анталија, особено за оние кои се љубители на историјата.
Секако, неизоставен дел од туристичката понуда на Анталија се и природно убавите, долги плажи и луксузните хотели и ресорти, кои овозможуваат одмор, но и празник за очите.
Прекрасна глетка во Анталија има од бројните водопади кои туристите ги посетуваат и со восхитување ги фотографираат.
Со своите бројни убавини и во време на пандемијата на Ковид-19, Анталија е посетувана од бројни туристи. Оваа турска туристичка дестинација, која нуди можност за здрав и безбеден одмор, од почетокот на годината до септември угости над 2 милиони гости од 170 земји во светот, пред сè од Русија, Украина, Германија, Велика Британија и Полска.
news_share_descriptionsubscription_contact
