Sertaç Bulur
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
ИСТАНБУЛ
Турската полиција спроведува уште една голема акција за приведување на лицата осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, и на подрачјето на Анкара трага по 16 осомничени лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во Советот за научни и технолошки истражувања на Турција (ТУБИТАК), Кабинетот на Обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на вкупно 16 осомничени лица.
Осомничените користеле тајни и паралелни системи на комуникација, а меѓу нив се и двајца корисници на тајниот систем за комуницирање „БајЛок“.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, турската полиција рано утринава започна истовремени акции за приведување, а досега од слобода се лишени девет осомничени лица. Во тек е потрагата по преостанатите седум осомничени.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта, на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.