Emre Doğan
03 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во турскиот град Истанбул денес се одржа 41. „Водафон Истанбул Маратон“ (Vodafone İstanbul Maraton), со учество на околу 140.000 лица од 106 земји во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој маратон, кој е организиран од страна на „Спор Истанбул“ при метрополската Општина Истанбул, е единствениот маратон во светот каде што учесниците трчаат меѓу два континента.
Исто така, на овогодинешното издание на маратонот учествуваа 58 елитни атлетичари.
Во машка категорија, во 2015 година првак на овој маратон стана Елиас Кембои Челимо од Кенија, во 2016 година Еванс Киплагат од Азербејџан со потекло од Кенија, во 2017 година Абрахам Кипротич од Франција и во 2018 година првак стана Феликс Кимутаи од Кенија. Сите овие атлетичари, исто така, и оваа година учествуваа на овој маратон.
Во женска категорија на овој маратон учествуваа Фатума Садо од Етиопија, која минатата година го освои третото место, како и атлетичарката на турската репрезентација Елван Абејлегесе, која минатата година го освои петтото место.
- Победници од Африка
На овој маратон во машка и женска категорија победници се атлетичари со потекло од африканските земји.
Првак на овој маратон во машката категорија стана атлетичарот Даниел Кипкоре Кибет од Кенија, кој го сруши и рекордот на маратонот.
Тој го истрча маратонот од 42 километри и 195 метри за време од 2:09:44.
Второто место го освои Јитајал Атнафу Зерихун од Етиопија, додека третото место го освои Питер Квемои Ндоробо од Кенија.
Од друга страна, во женската категорија првото место го освои Хирут Тибебу од Етиопија, која маратонот го истрча за време од 2:23:40.
Второто место го освои Тигист Абајечев од Етиопија, додека третото место го освои Маурин Чепкемој од Кенија.