Cankut Taşdan,Serdar Açıl
12 Октомври 2021•Ажурирај: 13 Октомври 2021
АНКАРА/АДАНА/КАЈСЕРИ (АА) - Најмалку 22 лица се приведени поради поврзаност со терористичката организација ДЕАШ во Турција, велат безбедносни извори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истовремените операции се спроведени во девет области, откако обвинителите во главниот град Анкара издадоа налози за приведување на 14 осомничени лица.
„Осомничените биле активни членови кои обезбедувале персонал и материјали за терористичката организација“, се вели во соопштението на Обвинителството во Анкара.
„Безбедносните сили успеаја да фатат 11 од 14-те осомничени, а во тек се напорите да се пронајдат преостанатите тројца“, велат изворите, кои зборува под услов на анонимност.
„Во рациите беа запленети голем број дигитални материјали и документи на организацијата, како и четири двогледи“, велат изворите.
Во јужната турска област Адана приведени се седум припадници на ДЕАШ откако властите открија дека тие нелегално влегле во земјата од Ирак.
„Уште еден осомничен сè уште е на слобода и се работи на негово фаќање“, велат изворите.
„Кај осомничените се пронајдени дигитални материјали и пиштол“, додаваат тие.
Уште четворица осомничени припадници на ДЕАШ - сите странски државјани - се приведени во централната област Кајсери.
Според извори, осомничените биле активни припадници на терористичката организација во Ирак и Сирија.
Во 2013 година, Турција стана една од првите земји што ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација.
Оттогаш земјата повеќепати беше цел на напади на терористичката организација, во кои животот го загубија над 300 лица, а стотици беа повредени, и тоа во најмалку 10 самоубиствени бомбашки напади, 7 бомбашки напади и 4 вооружени напади.
Како одговор, Турција започна антитерористички операции во земјата и во странство за да ги спречи понатамошните напади.