Sümeyye Dalkılınç
26 Август 2016•Ажурирај: 26 Август 2016
АНКАРА (АА) - Во Истанбул денес свечено ќе биде отворен и во промет пуштен третиот мост преку Босфор „Јавуз Султан Селим” , наречен по отоманскиот султан од 16-ти век, со кој по трет пат ќе биде поврзан европскиот и азискиот континент, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченоста на отворање на мостот ќе присуствуваат претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, премиерот Бинали Јилдирим, бројни турски министри, претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Турската Република Северен Кипар, Мустафа Акинчи, бугарскиот премиер Бојко Борисов, заменик премиерот на Србија, Расим Љајиќ, и други бројни официјални лица од сите делови на светот.
Инаку, се работи за еден од најшироките мостови на светот, а воедно и најдолг висечки мост кој ќе има железнички систем. Вкупната должина на мостот е 2,1 километар, широчина 59 метри, висина на носечки столбови 322 метри и распон 1,408 метри. Мостот ќе има осум сообраќајни траки и две шини.
Се очекува третиот мост на Босфорот да заштеди 1, 75 милијарди долари годишно во смисла на трошоци на енергија и заштеда на време. Она што исто така го прави специфичен е фактот дека железничкиот систем се наоѓа на исто ниво на главниот дел на мостот.
За изградба на мостот, кој и покрај предвидените 36 е завршен за 27 месеци, се инвестирани три милијарди долари. Владата предвиде дека мостот дневно ќе го користат 135.000 возила.
Мостот ќе ги спојува истанбулскиот кварт Саријер на европскиот дел и квратот Појразкој на азискиот дел на Истанбул.
Турција во последниот период оствари значајни инфраструктурни проекти, меѓу кои се секако и мостот Османгази, мега проект кој е дел од автопатот со должина 433 километри кој ќе ги поврзува Ѓезбе, Орхангази и Измир.
Мостот познат и како „ Голден Гејт” е четвртиот најголем висечки мост на светот. Еден од најзначните проекти е и изградбата на третиот истанбулски аеродром кој ќе чини 10,25 милијарди евра, а кој воедно ќе биде најголем на светот.