Ekipa
21 Декември 2019•Ажурирај: 22 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Истанбул изјави дека во следните неколку недели ќе биде распишан тендер и ќе се започне со реализација на проектот „Канал Истанбул“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган во Истанбул говореше на средбата со турските извозници и во таа пригода се осврна и на актуелните случувања. Говореше и за проектот „Канал Истанбул“.
„Во наредните недели ќе распишеме тендер и започнуваме со проектот „Канал Истанбул“. Не станува збор за проект кој е започнат пред една недела или една година, ова е чекор направен во последните месеци од мојот мандат како градоначалник на Истанбул“, рече Ердоган.
„Канал Истанбул“ е еден од големите стратешки проекти во Турција и има за цел да го елиминира растечкиот ризик што го претставуваат бродовите кои сообраќаат помеѓу Црното Море и Мраморното Море, особено сообраќајот на танкерите преку Босфорот.
Според информациите на турските претставници, шест големи несреќи предизвикале смрт на 100 лица и истекување на 108.000 тони нафта во Босфорот од 1960-тите години.
Каналот со должина од 45 километри ќе биде изграден западно од центарот на градот, на европската страна на областа Истанбул, а треба да го зголеми дневниот капацитет од 160 пловила.
Ердоган говореше и за турската економија и порача дека Турција е цврсто посветена на целта својот извоз да го зголеми на 500 милијарди долари.
„Никогаш не сме биле поблиску до целта за голема и силна Турција“, порача Ердоган.
Тој рече дека со стапка на економски раст од 0,9 отсто во третиот квартал од 2019 година, Турција повторно влезе во процесот на раст.
„Сиот овој развој на настани укажува дека работите течат добро и дека економското закрепнување продолжува брзо“, додаде Ердоган.
Тој нагласи дека Турција забележала раст на индексот на економска доверба од 1,7% отсто во месец ноември, искачувајќи се на вкупно 91,3 отсто.