Semra Orkan,Sefa Mutlu
12 Февруари 2022•Ажурирај: 13 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција во рамките на Програмата за поедноставување на данокот на додадена вредност го намалува ДДВ на основните прехранбени продукти од досегашните 8 на 1 отсто, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган преку видеолинк од палатата „Вахдетин“ им се обрати на учесниците на собирот што под името „Модел на турската економија, нови чекори и мерки на инфлација“ го организираше Министерството за трезор и финансии на Турција во Конгресниот центар во Истанбул.
Ердоган рече дека решението за измена на Одлуката за утврдување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ), што ќе се применува на стоката и услугите, е донесено во согласност со Законот за ДДВ и дека како претседател веќе го потпишал тој документ.
„Се надевам дека овој состанок ќе биде важна пресвртница во борбата на Турција против инфлацијата. Одлучно одиме напред на патот за проширување на економијата на нашата земја со инвестиции, вработување, производство, извоз и суфицит на тековната сметка“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека нерамнотежата и инфлацијата на глобалниот економски пазар влијаат и на турската економија, Ердоган рече дека Турција одлучно се спротивставува на различните напади.
Турскиот претседател рече дека сите разумни и свесни луѓе се сложуваат дека паниката предизвикана од осцилациите на курсот во последните месеци на минатата година немаат никаква врска со реалноста на турската економија.
Потсети дека со пакетот мерки што го најавија ја спречиле оваа флуктуација и го стабилизирале курсот на турската лира.
„Наша цел е да ги елиминираме ефектите на висока инфлација што се појавија во овој процес. Борбата против инфлацијата бара потполна одлучност, верба и жртва. Еден по еден ги преземаме чекорите што ветивме дека ќе бидат направени во тој поглед. Денес ова е еден од тие чекори. Заедно сме тука да ја споделиме добрата вест со вас и нашата нација“, рече Ердоган.
Појасни дека намалувањето на стапката на ДДВ на еден отсто ги вклучува брашното, оризот, тестенините, месото, рибата, чајот, кафето, водата, млекото и млечните производи, сирењата, јајцата, маслата за јадење, шеќерот и шеќерните производи, овошјето, зеленчукот, оревите, мешунките и други производи што сочинуваат значаен дел од потрошувачката кошничка.
„Намалувањето на данокот на сите овие производи значи и значителна придобивка во борбата против инфлацијата“, заклучи Ердоган.