Zeynep Rakipoğlu,Sefa Mutlu,Semra Orkan
11 Февруари 2022•Ажурирај: 12 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека го прележал Ковид-19 лесно и без големи проблеми, и дека вакцината сигурно му помогнала во тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган клањаше џума намаз во Џамијата „Чамлиџа“ во Истанбул, а по излегувањето од џамијата одговараше на прашањата на новинарите.
Ердоган и неговата сопруга Емине Ердоган минатиот викенд потврдија дека се позитивни на Ковид-19, а турскиот претседател, одговарајќи на прашањата на новинарите, зборуваше за тоа како поминал целиот процес на борба против Ковид-19.
„Можам да кажам дека многу лесно поминав низ овој процес, секако, вакцината сигурно помогна. Примив две дози на вакцината „Синовак“, и третата доза на „БајоНТех“. Благодарение на ефектот на овие вакцини, поминав низ овој процес угодно и во кратко време. Со други зборови, за 4-5 дена тестот покажа дека сум негативен“, објасни Ердоган.
Тој додаде дека му е мило што денеска повторно има можност да биде со народот на петочната молитва и најави дека в понеделник е во посета на Обединетите Арапски Емирати.
Зборувајќи понатаму за процесот на лекување од Ковид-19, Ердоган изјави дека сите обврски ги извршувал оддома.
„За време на тој процес не почувствував умор ниту исцрпеност, а моите обврски, меѓународни и национални, ги извршував оддома“, изјави Ердоган, додавајќи дека не бил во главниот град на Турција, но дека од Истанбул преку видеоконференција бил во контакт со Анкара.
Запрашан за здравјето на неговата сопруга Емине, Ердоган рече дека таа имала симптоми еден ден подоцна и сѐ уште не закрепнала од Ковид-19.
„Мојата сопруга сѐ уште не е закрепната. Во моментов таа продолжува да се придржува до сите мерки. Верувам дека до понеделник ќе оздрави, бидејќи мораме да патуваме заедно“, рече Ердоган.