Çiğdem Münibe Alyanak
08 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, изјави дека денешниот свет е лицемерен затоа што само немо ги набљудува тешкотиите, злоупотребата и убивањето на жените низ светот, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Тоа е вистинско лицемерие кога светот, со сета своја бездушна совест, го слави 8 Март, Меѓународниот ден на жената“, рече Ердоган во обраќањето на свеченоста во Истанбул одржана по повод Меѓународниот ден на жената.
„Од првиот човек, половина од човештвото го сочинуваа мажи, а половина жени. Да отстраните кој било од двајцата не би останало ништо од човештвото“, рече Ердоган, додавајќи дека почитта и љубовта кон мајките, сопругите, сестрите, ќерките и другите жени всушност ја претставуваат љубовта кон целото човештво.
Потсети и на бруталната војна во Сирија, напоменувајќи дека голем број од жртвите во таа земја се жени и деца.
„Иако во Сирија загинаа речиси еден милион луѓе, од кои значителен дел жени и деца, немаме видено, слушнато и не знаеме некој што го има свртено вниманието на ова прашање на силен начин“, рече Ердоган и додаде дека многумина невини цивили настрадале и во Идлиб.
„Додека сето тоа го гледаме и додека нашите срца се распаѓаат, светот, за жал, останува нем на сето ова. Зарем жените и децата не страдаат најмногу меѓу бегалците што преку копно и преку море се обидуваат да преминат во Европа“, рече турскиот претседател, прашувајќи што прави Западот за да им помогне на тие луѓе.
„Дали Западот го боли душата поради сето ова? Не. Го слушаме ли гласот на Западот? Не. Треба да се сомневаме во хуманоста на оние чие срце и душа не ги боли и совеста не им проработува пред овие тажни сцени. Јас веќе се сомневам во нив. За жал, денес поголем дел од светот го сврте грбот и само немо го набљудува сето ова заради зачувување на сопствената удобност и напредок“, рече Ердоган.
Истакна дека никој не ги има осудено нападите и насилството над луѓето што чекаат пред вратите на Европа, а меѓу нив има голем број жени.
„Грцијо, овие луѓе нема да дојдат и да останат кај вас. Ќе поминат низ вашата земја и ќе отидат на друго место во Европа. Зошто сте толку вознемирени? Ви рековме претходно. Ако работите продолжат да се одвиваат како досега, ќе ги отвориме границите. Вие не ни верувавте. Грцијо, тебе ти се обраќам. Отворете ги вашите граници, ослободете се од овој товар. Оставете ги да одат и во другите земји од Европа. Нема друго решение. Ако зборуваме за правична распределба на товарот, тогаш и ние бараме партнер во таа чесна распределба на товарот. Кај нас се уште 3,5 милиони бегалци“, рече Ердоган.
На крајот нагласи дека утре во Белгија ќе се состане со официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) за да разговара за ситуацијата поврзана со мигрантите на турско-грчката граница.