Güç Gönel
14 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција во борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, покрај исполнувањето на своите потреби, има обезбедено и медицинска помош за 125 земји во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател преку видеоконференциска врска се обрати на „12. Mеѓународна конференција за исламска економија и финансии (IIEFC)“, која се одржува во Истанбул, под раководство на истанбулскиот Универзитет „Сабахатин Заим“.
Ердоган, заблагодарувајќи се на сите кои дале придонес да се организира конференцијата, потсети дека првата меѓународна конференција за исламска економија и финансии е одржана во Мека во 1976 година.
Турскиот претседател во своето обраќање посочи дека по епидемијата на Ковид-19 низ целиот свет ќе се доживеат радикални промени.
„Веќе сме сведоци на влијанието на епидемијата во многу области, од пазарот на трудот до трговијата, од личните врски до јавната безбедност. На настаните на улиците во некои западни земји што се случуваат во последните денови, освен против расизмот, се протестира и против неправедностите предизвикани од епидемијата.“
- „Обезбедивме медицинска помош за 125 земји во светот“ -
Турскиот претседател истакна дека Турција е една од земјите кои периодот на епидемијата го минува со најмала штета, и рече дека таа им помогнала на сите без разлика на нивниот статус.
„Во овој процес видовме дека економски најпросперитетните земји имаа потешкотии да им обезбедат маски на своите граѓани и не можеа да обезбедат основни здравствени услуги. Ние обезбедивме медицинска помош за 125 земји во светот“, нагласи Ердоган.
„Наша цел е Истанбул, кој се наоѓа на крстосницата на континентите и културите, да стане центар на исламските финансии и економија“, истакна Ердоган, додавајќи дека исламската економија е клучот за излез од кризата.
Претседателот Ердоган, во своето обраќање на меѓународната конференција, наведе дека Турција не ги зема предвид проценките на агенциите за кредитен рејтинг кои ја изгубиле својата објективност и кредибилитет.