ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Мухамед Морси е шехид кој починал борејќи се за своите идеи, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека историјата никогаш нема да ги заборави тираните кои доведоа до неговата смрт.
„Смртта на Морси во судницата е симбол на тиранијата спроведувана над него и над неговиот народ. Морси е шехид“, рече Ердоган.
Потсети дека Морси беше избран по демократски пат, но дека во 2013 година е соборен со крвав државен удар.
„Негувавме блиско пријателство пред и откако беше избран за претседател. Тираните може да ги убијат невините, но не може да го намалат значењето и угледот на нивната борба“, рече турскиот претседател во своето обраќање во Истанбул.
Тој нагласи дека сите муслимани на Морси ќе се сеќаваат како на некој кој до последниот здив водеше чесна борба.
Потсети дека илјадници луѓе кои биле блиски до Морси сé уште лежат во египетските затворите и се спротивставуваат на сите притисоци и тешкотии.
Првиот демократски избран египетски претседател, Мухамед Морси, почина денес во судница. Според наводите на египетската државна телевизија, Морси починал откако претходно останал без свест во судницата.
Морси беше петтиот претседател на Египет, а таа должност ја извршуваше во периодот од јуни 2012 до јули 2013 година, кога беше соборен со државен удар.
Откако беше сменет, тој се соочи со низа сериозни обвинувања, вклучувајќи и поттикнување убивање на свои противници.
Во мај 2015 година, тој е осуден на смрт за шпионажа, бегаство од затвор и за обвиненија за тероризам, но тоа беше поништено следната година.