Yıldız Nevin Gündoğmuş
01 Април 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
АНКАРА (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара изјави дека владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) е победник на локалните избори во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашиот народ денес по 15. пат нѐ направи победници на изборите во Турција“, рече Ердоган во традиционалното постизборно обраќање од балконот на зградата на АК Партија во Анкара.
Тој рече дека владејачката АК Партија самостојно или со Народна алијанса, според досегашните прелиминарни резултати, освоила 778 градоначалнички места, вклучувајќи 16 метрополи, 24 провинции, 538 дистрикти и 200 области.
„Народната алијанса на локалните избори денеска оствари приближен резултат како на општите избори во јуни минатата година. Резултатот од изборите покажува дека АК Партија ќе управува со 56 отсто општини во нашата земја“, рече Ердоган.
Ердоган рече дека Турција во наредниот период ќе биде фокусирана на националните и меѓународните прашања.
„Во наредните 4,5 години нема да има избори. Што ќе правиме? Ќе се фокусираме на активности, како на национален, така и на меѓународен план, ќе бидеме обединети, и ако даде Господ, нашата земја ќе ја донесеме на ниво на современа цивилизација“, рече Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган рече дека никој, вклучувајќи го и него лично, не е поважен од Турција, АК Партијата и нејзината мисија.