Burcu Çalık Göçümlü
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој денеска во Анкара се сретна со својот израелски колега Исак Херцог, порача дека станува збор за историска посета за која верува дека е пресвртница во односите меѓу Турција и Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелскиот претседател Херцог денеска пристигна во дводневна официјална посета на Анкара, а во претседателскиот комплекс Бештепе беше пречекан со највисоки државни почести од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган на заедничката прес-конференција по состанокот ја опиша посетата на Херцог како историска и порача дека верува дека „оваа посета е пресвртница во односите на Турција и Израел“.
„Нашата заедничка цел со Израел е да го оживееме политичкиот дијалог меѓу нашите земји кој се темели на заеднички интереси и меѓусебно почитување на чувствителните прашања“, рече Ердоган и додаде:
„Во наши раце е да придонесеме за повторно воспоставување на културата на мирот, спокојството и соживотот во нашиот регион.“
Ердоган рече дека развојот и зајакнувањето на турско-израелските односи се важни за двете земји, но нагласи дека се и од голема важност за регионалната стабилност и мир.
Турскиот претседател пренесе дека за време на состанокот го истакнал значењето што Турција го придава за намалување на тензиите во регионот и за зачувување на визијата за дводржавно решение во израелско-палестинските односи.
„(За време на средбата со Херцог) Ја нагласив важноста која ја придаваме на историскиот статус на Ал-Кудс (Ерусалим) и на зачувувањето на верскиот идентитет и светоста на џамијата Ал Акса“, порача Ердоган.
Претседателот Ердоган, исто така, додаде дека верува дека наредниот период ќе донесе нови можности за регионална соработка во билатералните односи.