Ekipa
22 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
КОЏАЕЛИ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во градот Коџаели го претстави новиот тип турска подморница и најави дека турската Морнарица до 2027 година ќе располага со најмалку шест нови турски подморници, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган во Истанбул говореше на церемонијата за претставување на турската подморница „Пириреис“, која е прва подморница во рамките на турскиот Проект за нов тип подморница.
Во таа пригода истакна дека овој проект е започнат пред четири години, а се очекува подморницата до 2020 година да биде пуштена во употреба.
Потсетувајќи дека пред крајот на следната година ќе започне и изградбата на бродот „Селманреис“, Ердоган рече дека од 2022 година, секоја година ќе се произведува по една нова подморница.
„Така, нашата Морнарица до 2027 година ќе располага со сите шест наши нови подморници“, рече Ердоган.
Коментирајќи ги актуелните случувања, Ердоган порача дека Турција во никој случај нема да се откаже ниту од чекорите направени во Сирија ниту од договорите постигнати со Либија.
„Ако се откажеме од процесите што ги започнавме со Турската Република Северен Кипар и Либија, тие нема да ни остават од брегот ниту да фрлиме јадица во море“, рече Ердоган и додаде: „Меморандумот за разбирање што го имаме со Либија не е во спротивност ниту со нашето сопствено ниту со меѓународното право.“
Подвлече дека Турција нема намера никому да предизвикува проблем ниту да узурпира нечие право.
„Нека не ни се приближува никој со намера да нè исклучи, да окупира наше крајбрежје или да ги узурпира нашите економски интереси“, порача турскиот претседател Ердоган.