Merve Gül, Aydoğan Ağlarcı
15 Јули 2022•Ажурирај: 16 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Поразениот обид за државен удар на 15 јули 2016 година означи отпор без преседан во турската историја, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на одбележувањето на шестата годишнина од неуспешниот обид за пуч, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во ноќта на 15 јули застанавме во одбрана на Републиката, демократијата и сето остварено. Покажавме дека Туркије никогаш нема да може да биде заробена“, истакна Ердоган.
Велејќи дека со текот на годините Туркије ги презела неопходните мерки за да ги спречи сличните закани, Ердоган во видеопораката објавена по тој повод рече: „Туркије им одговори на силите што се насочија кон неа, не само на ФЕТО, туку и на други терористички организации, со напредување, а не со повлекување.“
Ердоган истакна дека главното значење на 15 јули за Туркије е тоа што го симболизира значајниот славен отпор на турскиот народ по повеќедецениските повторливи државни удари.
„Обезбедивме 15 јули да биде запишан во историјата со тоа што го прогласивме за Ден на демократијата и националното единство“, додаде тој, користејќи го формалното име за годишнината.
Заедно со нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот државен удар на 15 јули 2016 година во Туркије, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Обидот на ФЕТО да ја собори власта почна околу 22 часот по локално време на 15 јули 2016 година и беше спречен до 8:00 часот утрото следниот ден.
Застанувајќи против заканата, турскиот народ храбро му покажа на светот дека нема да толерира каков било обид да се попречи неговата волја како што е изразена преку неговата демократски избрана власт.