Havva Kara Aydın
20 Јануари 2020•Ажурирај: 21 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека присуството на Турција во Либија ги зголеми надежите за мир, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган одговори на прашањата на новинарите кои патуваат заедно со него во авионот за време на враќањето од конференцијата во Берлин.
„Чекорите што ги направивме околу Либија, му донесоа баланс на процесот“, рече турскиот претседател, нагласувајќи дека на терен и на преговарачка маса ќе продолжат да го поддржуваат политичкиот процес во Либија.
„Присуството на Турција во Либија ги зголеми надежите за мир“, додаде турскиот претседател.
Според него, во случај да се спроведе примирјето во Либија за кое упатија апел заедно со Путин, ќе се отвори патот на политичкиот процес.
„Гледаме кои игри се играат под маската на борбата против тероризмот [во Либија]“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција е против предлогот на ЕУ да биде дел од либискиот процес како координатор.
Турскиот претседател се осврна и на процесот за воспоставување мир во северниот дел на Сирија, и додаде: „Доколку би ги реализирале нашите планови и проекти во зоната меѓу Расулајн и Тел Абјад, овие места би се претвориле во градови на мирот.“