Coşkun Ergül
24 Јули 2018•Ажурирај: 25 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека синоќа разговарал со Месут Озил и го поддржа наспроти расистичките напади и притисоци поради кои фудбалерот со турски корени во неделата објави дека повеќе нема да игра за Германската репрезентација, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес се обрати пред пратениците на турскиот Парламент од редот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), а при излезот од Парламентот одговори на неколку новинарски прашања.
На прашањето да ги прокоментира нападите врз фудбалерот Месут Озил кој е со потекло од Турција, а настапуваше во дресот на Германската репрезентација, Ердоган изјави дека го поддржува во потполност.
„Одлуката на Месут и неговиот став се потполно патриотски, правилни и заслужуваат секаква пофалба. Го бакнувам бидејќи е неприфатливо да е изложен на такви расистички напади поради неговата верска припадност, а дал сè на Германската репрезентација и оставил длабока трага во нејзините успеси“, изјави Ердоган.
Озил на удар на германската јавност се најде уште во мај кога во Лондон се состана и се фотографираше со турскиот претседател Ердоган. На состанокот беа и германскиот репрезентативец со потекло од Турција, Илкај Ѓундоган и турскиот репрезентативец Џенк Тосун.
Расистичките напади врз Озил и Ѓундоган стивнаа на кратко по Светското првенство во Русија, а потоа повторно избија, а Озил додатно е етикетиран како еден од најголемите виновници за неуспехот на Германија. Тој во неделата се обрати на јавноста со отворено писмо во кое наведе дека по нападот што го претпрел, повеќе не може да го носи дресот на германската селекција. Меѓу останатото наведе дека во екот на успехот на репрезентацијата бил сметан како Германец, а дека станал мигрант веднаш штом дошле полошите резултати.
Ердоган денес изјави дека некој мора да објасни каква свест е тоа, која не може да прифати дека фудбалерите со турско потекло, Озил, Ѓундоган и Тосун се фотографирале со претседателот на Турција.
„Тоа е нетрпеливост. Така велат и сите елокветни политичари кои рекоа дека се со Месут“, заклучи Ердоган.
На прашањето да ја коментира неодамна усвоената нацрт-одлука на американскиот Сенат која предвидува запирање на претходно договорената американска продажба на борбените авиони „Ф-35“ на Турција, Ердоган изјави дека договорот се спроведува по планот.
„Претседателот Трамп за време на состанокот во Брисел ми го покажа писменото соопштение што го објавил и нема зборови за тоа. Ние веќе уплативме 900 милиони долари и испорачани ни се два авиона, таму, во САД, моментално нашите пилоти се на обука“, изјави Ердоган.