АНКАРА (АА) ‒ Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги критикуваше Соединетите Американски Држави (САД) за нивниот наклонет став во услови на тензии меѓу Туркије и Грција, посочувајќи го Вашингтон за нееднаков третман на сојузниците во НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Едноставно нема споредба меѓу Туркије и важноста на Грција во НАТО“, рече Ердоган во телевизиско интервју, нагласувајќи дека САД „не можат да најдат друг сојузник како Туркије“.
Ердоган потсети дека Туркије се наоѓа меѓу првите пет земји во НАТО и во однос на нејзиниот придонес во Алијансата и преку моќта што ја обезбедуваат нејзините копнени сили.
Тој, исто така, рече дека според снимките од беспилотните летала има оклопни возила стационирани на грчките острови кои би требало да бидат демилитаризирани, што тој го опиша како неприфатливо.
„Нашето очекување од САД е да не ја вклучи Грција во погрешни пресметки и да не дозволи манипулација на меѓународното јавно мислење“, додаде тој.
Тој ја осуди неодамнешната одлука на Вашингтон да го укине ембаргото за оружје на Администрацијата на кипарските Грци, нарекувајќи го „необјасниво во однос на содржината и времето“.
Рече дека потегот нема да остане без одговор и вети дека ќе ги преземе сите неопходни чекори за заштита на кипарските Турци.
‒ Војната на Русија против Украина ‒
Осврнувајќи се на војната во Украина, Ердоган рече дека денеска ќе разговара со неговиот руски колега Владимир Путин.
„Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја сака нашата поддршка за четирите [контролирани од Русија] региони [на Украина каде што се одржаа референдуми за одвојување] и сака да го убедиме Путин. Имам намера утре детално да разговарам за овие прашања со Путин“, рече тој.
„Посакувам да не одржеа референдуми, туку да го решевме овој проблем преку дипломатија“, додаде тој.
Тој понатаму изрази загриженост поради можната анексија на украинските региони и рече дека „оној Путин што го знам, ќе го направи она што го има зацртано.“
Поради стравувањата од можна нуклеарна војна, Ердоган рече дека цената на таков конфликт би била катастрофална.
„Не треба ни да се размислува, а камоли да се зборува за тоа. Решавањето на ова прашање преку дипломатија би било најсоодветниот чекор“, рече тој.
Наведувајќи ги неговите голем број дипломатски разговори во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк минатата недела, Ердоган рече дека сите негови колеги ги поздравиле посредничките напори на Туркије меѓу Русија и Украина.
Изразувајќи надеж за мир во Украина, турскиот претседател рече дека би било илузија доколку се очекува моментален резултат.
Во врска со Договорот за извоз на жито меѓу Русија и Украина, кој беше посредуван од Турција, Ердоган ја потврди важноста на извозот и на руски ѓубрива.
„Ако се реши извозот на ѓубрива, тогаш ќе биде веднаш испратено во земјите на кои им требаат ѓубрива и ќе доведе до изобилство“, рече тој.
„Досега добивавме главно украинско жито. Но сега мислам и се надевам дека Русија ќе влезе во игра во однос на житото и вештачкото ѓубриво“, додаде тој.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа во Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и од ОН за да ги надгледува пратките.
Откако првиот брод ја напушти Украина во рамките на договорот на 1 август, повеќе од 215 брода со над 5 милиони тони земјоделски производи ги напуштија пристаништата.
Во врска со тековните антитерористички напори на Туркије, претседателот Ердоган рече дека напорите на Туркије против терористичките организации ќе продолжат сѐ додека постојат во Сирија и претставуваат закана за националната безбедност на Туркије.
Велејќи дека прекуграничните операции на Туркије против терористите не само што ја осигуруваат националната безбедност на земјата, туку и регионалната стабилност, Ердоган ги повика САД и Русија да ги исполнат ветувањата што ги дале во договорот од 2019 година за елиминација на терористичките организации од северна Сирија.
Во 2019 година Русија ја изрази својата посветеност да ја отстрани терористичката организација ЈПГ/ПКК од областите Тел Рифат и Мунбиџ во северозападна Сирија, откако постигна договор со Туркије за време на операцијата „Извор на мирот“ во Анкара.
Москва, исто така, вети дека терористите ќе бидат отстранети од областите до 30 километри од турската граница до Автопатот М4 и во областа во непосредна близина на зоната на операцијата „Извор на мирот“.
И тогашниот американски потпретседател Мајк Пенс, ѝ вети на Туркије дека терористичката организација ЈПГ/ПКК ќе се повлече од зоната на операцијата „Извор на мирот“.
Но, ниту Москва ниту Вашингтон ги исполнија своите ветувања.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 лица, меѓу кои жени, деца и доенчиња.
Во врска со барањето на Анкара за признавање на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Ердоган рече: „Доколку Советот за безбедност на ОН постапи праведно, ние ќе го забрзаме овој процес.“
Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ја признае ТРСК, додавајќи „ова ќе го отвори патот за решавање на кипарското прашање“.
Кипар е заглавен во повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај серијата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади кои започнаа во раните 1960-ти ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклавите заради нивна безбедност.
Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци, чија цел беше грчката анексија на островот, доведе до воена интервенција на Туркије како гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа, во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Во последните години имаше континуиран мировен процес, вклучувајќи ја и неуспешната иницијатива во 2017 година во Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Туркије, Грција и Велика Британија.
Администрацијата на кипарските Грци влезе во ЕУ во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го спречија планот на ОН за ставање крај на долготрајниот спор.
news_share_descriptionsubscription_contact


