Hanife Sevinç
25 Декември 2020•Ажурирај: 26 Декември 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изрази желба за понатамошно продолжување на односите со Русија, исто како што биле и досега, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган по петочната молитва (џума намаз) во Истанбул даде изјава за новинарите во врска со актуелните теми.
Запрашан да коментира во врска со изјавите на рускиот претседател Владимир Путин кој на годишната прес-конференција го прикажа Ердоган како пример за хармоничен и искрен лидер, турскиот претседател нагласи дека овие зборови на Путин исто така го опишуваат и него.
„Навистина и тој е искрен човек кој го одржува дадениот збор“, истакна Ердоган, додавајќи дека ретки се тие земји со кои имаат и ги продолжуваат ваквите силни билатерални односи.
„Се надевам дека односите кои ги имавме досега, ќе ги продолжиме и понатаму на ист начин. Тоа го видов во сите области, било во политиката, било во воената област, било во дипломатијата, културата и економијата. Ако го земаме предвид трговскиот обем помеѓу двете земји, со иста решителност се движиме кон нашите цели и верувам дека ќе се движиме кон таа насока“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека од понеделник ќе пристигне вакцината за Ковид-19 во Турција, тој рече: „Имам совет за здравство, покрај тоа, имам министер за тоа. Според информациите што ги добив од нив, договорот со Кина е 50 милиони, но во првата фаза ќе дојдат 4,5 милиони.“
Ердоган истакна дека вакцинацијата ќе се одвива според одреден датум, и дека најпрвин ќе се вакцинираат здравствените работници.
Тој потсети дека минатата недела истакнал оти и тој самиот ќе се вакцинира, повикувајќи ги сите граѓани да покажат иста сензитивност во оваа насока.
„Експертите во оваа насока се нашите лекари. Лица од секоја област не треба да зборуваат за оваа област. Ако има некој којшто треба да зборува, тоа се нашите професори, доценти, доктори“, рече тој.
„Кога ќе дојде вакцината, ние со сите наши колеги ќе се вакцинираме. Се надеваме дека со ова, најуспешно ќе ја извојуваме нашата победа против коронавирусот. Во првата фаза, тука е Кина, исто така и Германија. Нашиот процес ќе го реализираме со вакцините кои ќе доаѓаат од овие две земји“, додаде турскиот претседател Ердоган.