Andaç Hongur Erpehlivan,Zeynep Rakipoğlu
22 Октомври 2021•Ажурирај: 23 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул порача дека социјалните мрежи станаа закана за социјалниот мир, но исто така и закана за демократијата и националната безбедност на државите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во организација на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Турција во Истанбул се одржува Медиумскиот форум на Туркискиот совет со тема „Вкоренето минато, силна иднина“, а Ердоган на учесниците на Форумот им се обрати преку видеопорака.
Турскиот претседател изјави дека се надева оти тридневните состаноци ќе ја зајакнат солидарноста меѓу државите во однос на прашањето за медиумите, една од, како што рече, најзлоупотребените и најзапоставените подрачја.
„Со ширењето на социјалните мрежи, ние, денеска, заедно со целото човештво, често сме изложени на кампањите на дезинформирање. Поради лажните вести, животите на милиони луѓе без заштита низ светот се погодени, се доживуваат сериозни драми и трауми. Социјалните медиуми, каде што нема контрола и самоконтрола, денес станаа закана за демократијата, социјалниот мир и националната безбедност на државите“, порача Ердоган.
Тој истакна дека ниту една земја или општество не се ослободени од разорниот ефект на дигиталниот фашизам.
„Туркискиот свет страда од двојни стандарди на меѓународните медиуми, како и од дигиталниот фашизам. Особено лицемерниот став на кој бевме сведоци за време на 44-дневната војна во Нагорно Карабах, ја покажа важноста на ова прашање за нашите земји. Масакрот и нападите со балистички ракети врз цивилите од страна на ерменската војска никогаш не се спомнати во овој процес“, рече Ердоган, додавајќи:
„Кога станува збор за независноста и објективноста на медиумите, меѓународните медиуми дејствуваа како официјална новинска агенција на Ерменија. Војната во Карабах не е ниту прв ниту последен пример за медиумско ембарго против фактите за нашите земји и туркискиот свет.“